Заштитните маски веќе нема да се задолжителни во јавниот превоз, болниците, аптеките…

Комисијата за заразни болести ќе му препорача на Министерството за здравство и на Владата да бидат укинати сите задолжителни мерки за Ковид-19, а тоа се задолжително носење маски во болниците, јавниот превоз, аптеките и во домовите за стари лица и лица со посебни потреби.

Портпаролот на Комисијата Злате Мехмедовиќ на денешната прес-конференција рече дека ова следува по последниот состанок на Светската здравствена организација на која Советот за итности препорача укинување на итната состојба за Ковид-19.

Предлогот се однесува и на тоа Ковидот да се третира како вообичаена заразна болест која ќе биде на ниво на другите болести.

-Препорачуваме и понатаму луѓето кои ќе прават посети во болници или оние кои ќе се најдат во болница за каква било друга услуга или интервенција се уште да користат заштитни маски особено доколку се во високата ризична група на граѓани кои имаат повеќе болести, кои се над 65 год итн. бидејќи носењето маски ни укажа на тоа колку може да се превенираат интрахоспиталните инфекции, рече Мехмедовиќ.

Тој информира дека се намалува бројот на заразени од Ковид-19 кои се регистрираат на неделно ниво, а рекордно најниско ниво на заболени од ковид е регистриран минатата недела-  66 заболени. Во последниот извештај нема починати, а оние кои се заразени се лесни случаи кои не се на респираторна поддршка.

-Ковидот ќе остане да биде присутен меѓу нас, прогласување на крајот на сите мерки не значи дека веќе нема да го има и ќе треба да внимаваме, рече Мехмедовиќ.

Претходна вестОсудениците од „Диво насеље“ кои убија 8 припадници на МВР ќе бидат префрлени во Косово?
Следна вестДевојче вришти и бега од глутница кучиња, ја спасува случаен минувач