Затруени шеесет авганистански девојчиња

Околу 60 авганистански девојчиња се хоспитализирани откако биле затруени во училиште во северен Авганистан, соопшти денеска полицијата. Труењето во eдно женско училиште во авганистанската провинција Сар-е-Пол доаѓа по интензивното преиспитување на образованието на девојчињата во земјата откако талибанците ја презедоа власта и го забранија пристапот за повеќето ученички тинејџерки.

-Некои непознати лица влегле во женското училиште во областа Санчарак и ги затруле училниците, а кога девојчињата влегле во училниците се затруле, изјави Дан Мохамад Назари, портпарол на полицијата во Сар-е-Пола, без да прецизира за каков отров станува збор или за тоа кој стои зад инцидентот.

Назари додаде дека девојчињата биле пренесени во болница, но дека сега се во „добра состојба“.

Засега никој не е уапсен.

За време на претходната влада во Авганистан, која беше поддржана од странските влади, се случија неколку напади со труење, вклучително и напади со гас, врз училиштата за девојки. Талибанската администрација, откако ја презеде власта во 2021 година, им забрани на повеќето ученички да посетуваат средно училиште и факултет, што наиде на осуда од меѓународните влади и многу Авганистанци. Талибанските власти ги задржаа отворени основните училишта за девојчиња на возраст до околу 12 години и додаваат дека се за образование на жените, но под одредени услови.

Претходна вестОграбено казино во Скопје, прво го нападнале обезбедувањето, а потоа одзеле пари
Следна вестКовачевски требаше многу порано да разговара со Мицковски, ама тогаш самоуверено го игнорираше