Обвинетата Катица Јанева избрала и преминала на страната на злото, потенцира во својот денешен завршен збор обвинителката Вилма Рускоска во случајот „Рекет“. На крајот од шесмесечниот судски процес во кој им се суди на Бојан Јовановски – Боки 13 и на поранешната шефица на Специјалното јавно обивнителство Катица Јанева, Рускоска посебно го потенцира она што го сторила второобвниетата.
-Јанева е уште во филмот на Чарлиевите ангели, кои ние ги издигнавме највисоко на пиедесталот. Ние се разочаравме од нашите Чарлиеви ангели. Кога сведокот Јордан Камчев го пријавил случајот во Обвинителството за борба на против организираниот криминал и корупција и кога го слушнав мислев дека сум во некој лош сон, рече во воведот обвинителката.
Таа кажа дека Обвинителството докажало дека обвинетите Бојан Јовановски-Боки 13 и Катица Јанева ги сториле кривичните дела за кои се обвинети. Во случајот Јовановски е обвинет за делата примање награда за противзаконито влијание и за перење пари, а Јанева за злоупотреба на службената положба и овластувања. Според обвинителството, Јовановски влијаел кај Јанева за да му се олесни кривичната положба и да му се укине притворот на Камчев, а за тоа Јанева добила 50.000 евра и недвижнина.
-Не е проблемот во даденото мислење за да му се даде времен пасош на Орце Камчев. Проблемот се причините поради кои го направила тоа, а тоа е алчноста за пари, рече Рускоска.
Таа потсети на изјавите на сведоците Мирјана Бошковска од „Орка Холдинг”, на Ана Камчева кои сведочеа како вaделе големи суми на пари и му давале на Боки – 13. За Рускоска снимките на Камчев се доказ дека 1,5 милион евра биле земени како рекет, а торбата „Луј Витон“ завршила во домот на родителите на Јовановски.
Следното рочиште е закажано за 1 јуни на кое завршни зборови треба да даде одбраната.