Заврши интеграцијата на ПОА во МПЦ-ОА, устоличен новиот епископ Дељадровско-илинденски Јоаким

Заврши процесот на интеграцијата на Православната охридска архиепоскопија во редовите на МПЦ-ОА откако вчера беше устоличен Дељадровско-илинденскиот епископ Јоаким. Настанот се случи во новоизградениот храм „Свети Константин и Елена“ во општината Илинден. Претходно беа устоличени владиците Јован и Марко.

На литургијата му сослужуваа Кумановско-осоговскиот Митрополит Григориј, Крушевско-демирхисарскиот Јован, и епископот Делчевско-каменички Марко од МПЦ-ОА, како и Црногорско-приморскиот Митрополит Јоаникије, епископот Рашко-призренски Теодосије и Бихачко-петровачкиот Сергеј од СПЦ. На литургијата молитвено присуствуваа и епископот хераклејски Климент и Епископот Дртемвицки Давид. Меѓу гостите беше и амбасадорката на Србија во Македонија, Невена Јовановиќ.

Тројцата владици Јован, Марко и Јоаким кои добија епархии во МПЦ-ОА, ќе имаат право на глас во Синодот во полн состав, кој најверојатно треба да заседава кон крајот на годинава.

Со ова, Синодот на МПЦ-ОА сега ќе има вкупни 13 членови, предводени од архиепископот охридски и македонски г.г. Стефан.

Православната охридска архиепископија (ПОА) на Јован Вранишковски на 5 јуни годинава беше припоена со МПЦ-ОА за време на светата архијерејска литургија во црквата „Света Софија“ во Охрид. Литургијата, со која чиноначелствуваа поглаварот на МПЦ-ОА, г.г. Стефан, и поглаварот на СПЦ, г.г. Порфириј, се одржа по повод годишнината од врачувањето на томосот за автокефалност кој минатата година српскиот патријарх му го врачи на архиепископот охридски и македонски, со што се стави крај на 55-годишниот спор меѓу црквите.

Претходна вестЦаноски обвинува дека се носат одлуки со цел да застари случајот „ТНТ“
Следна вестНе го бендисаа „Денот на дрвото“ на Груевски, ама сега Ковачевски ќе си има „Пошумуваме заедно 2023“