Заврши ли расправата околу одговорноста, само народот ли е виновен?

Вториот бран со кој не заплисна корона вирусот никако да стивне. Со самото тоа кај многу граѓани на Македонија почна да се топи доверба кон официјалните владини лица на кои до пред извесно време им се аплаудираше.

Вчера, првиот човек на Комисијата за заразни болести Жарко Караџовски беше мета на новинарски прашања за тоа дали чуствува одговорност за ситуацијата па дури и дали ќе поднесе оставка. Неговиот одговор предизвика полемики во јавноста, Но, и го отвори прашањето дали всушност Караџовски е најодговорен за новиот пик на корона вирусот или има и други лица што носат одлуки и би требало да се поодговорни.

-Комисијата за заразни болести е стручно советодавно тело на министерот кое не е поврзано ниту со Влада или некоја политичка партија. Министерот може да не ги прифати тие предлози, а Кризниот штаб може секоја предложена мерка да ја преиначи. Два дена пред рамазанските празници Комисијата излезе со свој став и ние ги дадовме нашите препораки до главниот кризен штаб на Владата. Предложивме полициски час од сабота од 19 часот до вторник до 5, но Владата одлучи дека полицискиот час треба да почне од недела од 11 часот до вторник до 5 часот. Што се случило таму не знам, веројатно имало повод зошто некој ги променил тие мерки што ги предложивме, одговори вчера Караџовски.

Тој додаде дека не се чувствува одговорност и дека давал свое стручно мислење, а главна причина за новиот бран на опасната болест е непочитувањето на мерките од страна на дел од народот кој „ни се тера ни се води“.

За одговорност, иако поненастојчиво за разлика од претходно со Караџовски, беше прашан од новинарите и неговиот шеф – Венко Филипче. Но, одговорност не чувствствува ниту министерот, тој на истото прашање одговори со одрекување и дека „секогаш постои фактор кој не може да се предвиди“.

И така се заврши вчерашната медиумска приказна за нечија одговорност што корона вирусот се шири низ Македонија иако беше најавено дека е под контрола првиот бран. Приказната само по малку ја продолжуваат граѓаните преку социјалните мрежи. Тие прашуваат, дали тогаш е одговорна целата Влада, па нејзиниот Кризен штаб…

Такви реакции можеше да се видат и на фејсбук-страницата на „Скопско ехо“.

-Добро, еве, Комисијава на чело со Филипче барала за празникот да имало целосен карантин, така кажа Караџоски, ама Владата, во која исто е Филипче, решава да не биде целосен карантин. Мене ми изгледа дека на некој овде поважни му се политички поени одколку јавното здравје. Поправете ме ако грешам, напиша читателот со име Костадин.

Други читатели по ФБ и Твитер пак неговудаат дека се бега дури и од расправа за одговорноста, а некои од нив и прашуваат:

-Одговорноста нема да се бара повеќе, се се расчисти? Само населението ли е виновно, така ли им е најлесно да кажат?, стои во реакцијата.

– Се бара ли воопшто одговорност или така се зборуваше вчера колку да се покаже дека има демократија, а целта е да се помине без никој да биде барем сменет и слично, напишала Надица.

Во реакциите има и потврда-согласување дека дел од граѓаните се виновни за ширењето на вирусот, но и при тие реакции се нагласува дека одговорност мора да се бара и кај институциите и тие што ги раководат.

 

Претходна вестСообраќајка со три возила, загина едно лице, неколкумина се тешко повредени
Следна вестСкопје доби нови ветувања: Ќе добие четири нови скверови