Предлог Украина да има неутрален статус во замена за безбедоносни гаранции денеска го дадоа украинските претставници на мировните преговори со Русија што се одржаа во Истанбул, Турција.
-Тоа значи дека Украина нема да се приклучи на воени сојузи или да биде домаќин на воени бази. Предлозите, исто така, ќе вклучуваат 15-годишен период на консултации со Русија за статусот на анектираниот Крим и би можеле да стапат на сила само во случај на целосен прекин на огнот, изјави шефот на украинската делегација во преговорите со Русија, Дејвид Арахами.
Арахами додаде дека Велика Британија, Кина, САД, Турција, Франција, Канада, Италија, Полска и Израел по преговорите можат да станат гаранти на безбедноста на Украина. Тие ќе дејствуваат како дел од меѓународен договор и ќе можат да го затворат небото на барање на Украина. Тој рече дека за конечниот договор потребно е договорот за целосен прекин на огнот со Русија да стапи на сила на целата територија на Украина.
Шефот на руската делегација Владимир Медински изјави дека разговорите биле конструктивни. Тој објасни дека руското Министерство за одбрана одлучи драстично да ги намали воените активности во областите околу Киев и Чернихов.
– Бевме конструктивни. Добивме предлози од Украина да ја разгледаме нивната јасно искажана позиција за вклучување во договорот. Овие предлози ќе бидат разгледани во блиска иднина и ќе бидат известени до претседателот, рече тој.
Според рускиот преговарач средба Зеленски-Путин е можна кога ќе биде парафиран договорот.
– Средбата меѓу Путин и Зеленски е можна во исто време со парафирањето на договорот меѓу Русија и Украина на ниво на МНР, потенцира Медински.