Oсумдневната вонредна состојба во Македонија истекува денеска. Таа беше прогласена од претседателот Стево Пендаровски со цел да се спроведат подготовките за организација на предвремените парламентарни избори на 15 јули.
Шефот на државата ја образложи одлуката за нова вонредна состојба со потребата да се овозможи непречена подготовка на изборите, а особено спроведување на мерки за заштита на јавното здравје за време на изборниот процес, во услови на пандемија на Ковид-19. Осумдневната вонредна состојба беше дадена за да се донесат неопходните одлуки и протоколи за организирање и спроведување на изборите.
Инаку, на предвремените парламентарни избори, според поднесените листи до ДИК, ќе учествуваат 15 коалиции и партии со 1.598 кандидати. Изборната кампања почнува вo среда, на 24 јуни.