Збогум за хаосот во образованието: Владата направи Совет за негово унапредување

Образовниот систем во Македонија всушност не е систем. Тоа за жал повеќе е збир на импровизации, површности, експериментирање, погрешни потези и реформи, правено – недоправено, погрешни личности на важни позиции, оставено на стихијата… Ќе се најде ли сериозно решение за надминување на таа многу, многу лоша состојба?

Деновиве министерот за образование најави, а вчера и се случи формирање на Совет за унапредување на образованието. Тој ќе го оправа образовниот систем.

Донесената одлука предвидува со работата на Советот да претседава премиерот Димитар Ковачевски, а во составот ќе бидат министерот за образование и наука Јетон Шаќири, првиот вицепремиер Артан Груби, вицепремиер Фатмир Битиќи и министерот за финансии Фатмир Бесими. Во составот ќе бидат и Педагошката служба како орган на државната управа во состав на Министерството за образование и наука, како и Сојузот на средношколци, Интеруниверзитетската конференција, Националниот совет за високо образование и научно-истражувачка дејност, Агенцијата за квалитет во високото образование, Одборот за акредитација на високото образование, Одборот за евалуција на високото образование, студентските собранија, Бирото за развој на образованието, Центарот за стручно обраование и обука, Државниот испитен центар, Државниот просветен инспекторат и Центарот за образование на возрасните.

– Преку Советот ќе се овозможи подобрување на квалитетот на образованието и науката, оптимизација во образованието, зајакнување на системите на евалуација и оценување, реформирање на наставните програми…, соопшти МОН.

Ќе биде ли овој пат така како што најавуваат? Се наметнуваат ваквите прашања поради претходните искуства кога разни „големи спасители“ не успеаја образованието да го извадат од матните води, напротив… Се наметнува и на пример прашањето што бара во тој Совет Артан Груби, а и уште некои најавени од Владата? Се наметнува и прашањето – ќе бидат ли повикани во Советот оние кои жестоко и аргументирано го критикуваа котроверзниот реформски процес на поранешната министерка Мила Царовска? А да потсетиме го критикуваше МАНУ, сериозни забелешки имаше Филозофскиот факултет, па ПМФ, па многу институти, па…

Последниот обид за реформа во основното образование, видовме, не ја доби општествената поддршка (ниту пак праксата покажа дека наметнатиот потег е добар) оти Царовска не сакаше да ги вклучи и неистомислениците во креирањето на новиот концепт. Па така, јавната дискусија за тој концепт се претвори во собири на истомисленици по што различните мислења не беа застапени во експресната реформа што се праваше заради нечии политички потреби.

Дали и новиот Совет ќе се претвори во собир на истомисленици со оној кој го формира ова „спасоносно тело“ за македонското образование?

Претходна вестПриведени разбојници во Скопје, следува кривична пријава
Следна вестЛевица: Ковачевски и Мицкоски го штитат интересот на ЕВН наместо на народот