Здравствената ситуација со Ковид-19 е стабилна, но ризикот не е намален. Ова го вели Комисијата за заразни болести во Македонија. Во текот на вчерашниот ден беа регистрирани нови 302 случаи, а Комисијата на вчера остана на ставот дека мерките за заштита од вирусот треба да останат исти.
Комисијата за заразни болести препорача работата во државна и јавна администрација, општините и судовите, согласно принципот на работа и работниот процес, да продолжи да се одвива во смени или онлајн од дома или, пак редуцирано со систем на ротации зависно од карактеристиките на работниот процес на институциите и да не се менува работното време на рестораните.
Според вчерашната статистика на Министерството за здравство, во претходното деноноќие се направени 2024 тестирања при што се регистрирани 302 нови случаи на Ковид-19, починати се десет лица, а 444 пациенти оздравеле.
Вкупниот број на позитивни и суспектни пациенти кои се лекуваат на инфективните оддели во болниците во државата е 599, од кои 254 пациенти се лекуваат во Скопје. Во моментов, на територијата на цела држава во ковид-центрите има 560 празни кревети.
Од почетокот на пандемијата до денес, во Македонија се регистрирани вкупно 92 193 лица позитивни на коронавирусот, од нив оздравени се 80 837 лица, а починати се 2 841 лице. Во моментов бројот на активни случаи изнесува 8 515.
Во Македонија се уште не е пристигната ниту една вакцина против опасниот вирус. Властите уверуваат дека имунизацијата во земјава ќе почне во февруари, но дали тоа ќе биде така ќе видиме. Сите земји во регионот одамна почнаа со имунизацијата. Србија дури е и меѓу најдобрите во Европа по ова прашање.
Во својот прв извештај, Европската агенција за лекови потврди дека досега собраните податоци за употребата на вакцината во ЕУ се во согласност со познатиот безбедносен профил и оти не се идентификувани нови несакани ефекти. Како што веќе е познато, најчестите несакани ефекти што вакцинираните луѓе не ги чуствуваат, вообичаено се благи или умерени и исчезнуваат неколку дена по вакцинирањето.
ЕУ не ја исклучи можноста и руската вакцина „Спутник V“ да биде одобрена во Европа, а се работи и на овозможување на нејзино производство. Шефот на германскиот институт „Пол Ерлих истакна дека е потребно одобрување дека вакцината ги исполнува стандардите.