Здружението на обвинители ја осуди Русковска: Го нарушувате угледот на јавнообвинителската функција, грубо го прекршивте Етичкиот кодекс

Остра реакција упати денеска Здружението на јавните обвинители на Република Северна Македонија по отвореното писмо од јавниот обвинител Вилма Русковска упатено синоќа преку медиумите до странски амбасади и меѓународни организации.

-Како професионално здружение, со зачуденост го проследивме дописот за кој сметаме дека го нарушува угледот на јавнообвинителската функција и грубо го прекршува Етичкиот кодекс на јавните обвинители. Имено, како јавни обвинители не гледаме ниту една причина за ваков драматичен полноќен повик до меѓународни институции и дипломати, особено што ниту обвинителката Русковска, ниту останатите обвинители од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција во ниту еден момент не биле спречени самостојно да водат истраги за предмети во нивна надлежност, се наведува во соопштението.

Здружението потенцира дека при постапувањето во предметите, и тие како и сите останати јавни обвинители мора да се водат од начелата на законитост и правичност.

-Освен тоа, Јавното обвинителство е засновано на принципите на хиерархија и субординација, што значи дека секој јавен обвинител за својата работа одговара пред повисокото обвинителство. Ниту еден јавен обвинител не смее да се смета себе си за семоќен и да одбива контрола над постапувањето. Таквата контрола токму има за цел да се избегне незаконито постапување и самоволие, како и да се гарантира праведноста на постапката, се додава во соопштението.

Во него се заклучува дека Јавното обвинителство имало и има капацитети и институционални можности да ги преземе сите неопходни дејствија и апсолутно независно да одлучува во секој еден предмет, без притоа да има потреба од надзор од амбасади или меѓународни организации.

Претходна вестТајван: Се подготвуваме за војна, но не ја бараме
Следна вестССМ: Владата на работниците им овозможи поскап леб и непокачени плати