Здруженијата кои трагаат по националниот идентитет се важни за демократијата, образложение на грчкиот суд за постоењето на „Центарот за македонски јазик“

Грчкиот суд во Лерин го одобри постоењето на „Центарот за македонски јазик“ и ги отфрли тужбите од здруженијата кои се противеа на неговата работа. По повеќемесечен судски спор, судот како неосновани и неприфатливи ги оцени десетината тужби поднесени од здруженија кои се противеа на работата на центарот.

Во дел од образложението на одлуката на Судот се вели дека функционирањето на вакви здруженија се важни за непречено функционирање на демократијата.

-Здруженијата формирани за цели како на пример за извршување на различни општествени или економски цели, заштитата на културното или интелектуалното наследство, потрагата по национален идентитет или потврдувањето на свеста на малцинствата, се важни за непречено функционирање на демократијата. Начинот на кој соодветното национално законодавство ја воспоставува оваа слобода и нејзината примена во пракса од страна на властите ја открива состојбата на демократијата во соодветната земја, се вели во одлуката на Судот.

Од центарот велат по одлуката на судот во идниот период ќе работат на отворање канцеларии и во останатите делови од Грција каде живеат Македонци.

Центарот за македонски јазик во Грција официјално беше регистриран како невладина организација (НВО) од страна на судските власти во Грција во ноември минатата година. Барањето за регистрација на организацијата беше одобрено од страна на судот на 28 јули 2022 година, додека одлуката беше објавена во Билтенот за судски одлуки и публикации на 7 ноември 2022 година.

Претходна вестУбаво: Герасимовски ја донираше платата за лекување на ученикот Никола
Следна вестИ ВМРО-ДПМНЕ со 2.100 амандмани ги блокираше законите за покачување на платите во судството