Зеленски призна: Бахмут не е под украинска контрола

Долготрајната крвава битка за градот Бахмут во Украина се чини привршува. Украинскиот претседател Володимир Зеленски утрово рече дека малку останало од Бахмут и дека градот е речиси целосно уништен.

Запрашан дали Бахмут сè уште е под контрола на Украина, Зеленски рече: „Мислам дека не е така“.

-За денес тоа е само во нашите срца, додаде тој, пренесува Макфакс.

Русија вчера тврдеше дека ја презела целосната контрола над разурнатиот град, што го означи крајот на најдолгата и најкрвавата битка од 15-месечната војна.

Нападот беше предводен од платеничките трупи на групата „Вагнер“, чиј водач Евгениј Пригожин претходно вчера изјави дека неговите војници конечно ги потиснале Украинците од последното изградено подрачје во градот.

Киев претходно го отфрли тоа тврдење.

Инаку, како што соопшти Кремљ – рускиот претседател Владимир Путин веќе им честитал на јуришните одреди на групата „Вагнер“, како и на сите војници на вооружените сили на Русија, за завршувањето на операцијата.

Претходна вестНекадарници ја доведоа земјата до амбис
Следна вестВо авионот што падна во Хрватска имало тројца Холанѓани