Зградите би ги ограничил на максимални 20 метри висина

Ректорот на универзитетот „Американ колеџ“ Марјан Бојаџиев одговара на прашањето, кои три работи би ги направил ако тој е градоначалник на Скопје…

1.Максимум – приземје и пет ката
Би забранил изградба на згради повисоки од 20 метри кои се доволни за да се направат приземен дел и пет ката. Со самото тоа такви објекти ќе имаат помалку станови, а тоа автоматски значи дека ќе имаат и помалку жители, помалку коли за паркирање и ќе се добие похуман јавен простор. Такви објекти доминираат во многу европски градови. Метрополите какви што се Париз, Рим и Лондон се карактеризират со градби кои не надминуваат три ката и мансарда.

2.Јавен превоз на електричен погон
Би вовел и ограничување на користење на постари возила во зима. Такси возилата и јавниот превоз во Скопје треба да бидат на електричен погон. Во периоди на загадување треба да се забрани сообраќај за сите возила кои се под „Евро 6“. За да се намали бројноста на возилата кои по разни потреби навлегуваат во градот како дневна миграција би изградил и две робусни катни гаражи на источниот и западниот влез во Скопје. Дневно паркирање и користење на ЈСП би чинело 100 денари.

3. Забрана за тврди горива за индустријата и за домаќинствата
Загадувањето мора да се намали и за таа цел би вовел забрана за користење на тврди горива за индустријата и за домаќинствата. За помалку имотните семејства треба да се воведат мерки какви што се доделување на инвертор и субвенционирање на електрична енергија до 3.000 денари во зима. Веднаш би ја изградил и кафилеријата за кучиња скитници со кои градот е нагрден. Кучињата ќе се нудат на посвојување на граѓани.