„Женидба“ од Приштина гостува во МНТ на 20 февруари

На 20 февруари со почеток во 20 часот, на големата сцена во МНТ ќе гостува Народно позориште од Приштина/Грачаница со претставата „Женидба“, од Николај Василевич Гогољ, а во режија на Милан Караџиќ. Претставата е копродукциски проект помеѓу Народно позориште Приштина и Српско народно позориште од Нови Сад.

Според режисерот, во „Женидба“, Гогољ во прв план сакал да ги стави и да ги исмее општествените аномалии од неговото време – лицемерието, желбата за статус по секоја цена, робувањето на нормите на граѓанското општество. Женидбата за која тој говори не е женидба од љубов. Тоа е општествена обврска, статусен симбол, исполнување на форма за која неговите ликови мечтаат, и токму тоа ги прави комични. Иако се поминати многу години од кога е напишана драмата, сите тие аномалии сѐ уште се актуелни и присутни во секое општество, па и во нашето, и за нив е секогаш потребно да се говори низ театарот.

Билетите се пуштени во продажба преку веб-страницата www.mnt.mk и на билетарницата во МНТ.