Жестоки протести во Солун и Атина поради малолетен Ром кој беше застрелан од полицаец

Повредени и уапсени лица, запалени канти, инциденти… се последица на синоќешните протести на ромската заедница во деловите од грчките градови Атина и Солун. До судирите меѓу Роми и полицијата дојде откако припадници на ромската заедница протестираа поради 16-годишниот Ром кој во понеделникот беше застрелан од полицаец и е во критична состојба.

Агенцијата МИА, повикувајќи се на грчките медиуми објави дека Ромите палеле канти за отпадоци и ја нападнале полицијата, како во Солун, така и во Атина. Државната новинска агенција АНА-МПА објави дека по инцидентите во Атина, повредени биле десет полицајци, а уапсени седум лица.

Во понеделникот 16-годишниот Ром застанал на бензинска станица во Солун, наполнил бензин, побегнал без да плати и била информирана полицијата. По ова, полицајци со мотори го бркале возилото управувано од момчето, кое откако не одговорило на барањата да застане, според медиумите, било застрелано во пределот на главата од еден од полицајците и е хоспитализирано во критична состојба.

Претходна вестГрадот Скопје го повика МВР да интервенира против блокадата, Ленин Јовановски најави повлекување
Следна вестИ денес одекнува мислата на Конески: Јазикот е единствената наша татковина