Жежов: Согласноста на македонските колеги од Комисијата е негирање на етногенезата на македонскиот народ

Една од оследиците од донесените заклучоци во записникот на мешовитата комисија е ширум отворање на портите за влез и делување на бугарската пропаганда во Македонија, смета историчарот и универзитетски професор Никола Жежов, во отворено писмо до своите колеги од комисијата со Бугарија.

Другите последици, според него, ќе бидат долготрајни и особено силно ќе ги почувствуваат следните генерации на Македонци кои ќе бидат сведоци на редефинирање на македонската историја во сите нејзини периоди: од антиката до 21 век.

-Документот ако се примени во реалноста ќе овозможи институционализирана асимилација и денационализација на македонскиот народ со крајна цел, всадување на вештачка бугарска национална свест на македонските ученици преку образовниот систем, конкретно преку промената на наставните планови и содржини на учебниците по историја, потенцира тој.

Професорот е дециден дека согласноста на членовите на македонскиот дел од мешовитата комисија претставува негирање на етногенезата на македонскиот народ и поткрепа на тезата за наводното вештачко настанување на македонската нација, што е една од главните тврдења на бугарската историографија.

-Примената на овие штетни и ненаучни заклучоци ќе предизвика домино ефект и ќе отвори еден процес којшто тешко ќе може да се затвори, а напротив ќе овозможи простор за нови отстапки кои целосно ќе ги деградираат научните трудови и резултати на македонската историографија што ги создавала речиси 80 години наназад. Ако се спроведат заклучоците од записникот во македонскиот образовен систем, македонскиот народ ќе биде принуден, македонската историја да ја проучува во своите домови, да ја пренесува од колено на колено на следните македонски генерации и на таков начин да се заштити од штетните влијанија на бугарската пропаганда во Македонија, нагласува Жежов.

Претходна вестОсмани по 6 дена од свиркањето на македонскиот јазик: За осуда е, тоа беа тинејџери испровоцирани од пејачите што не сакаа да настапат
Следна вестВтор ден портокалова фаза во Македонија, температури и над 40 степени