Граѓаните против властите – протест против „бетонскиот град“ кај Расадник

Скопје нема да се спаси од никнувањето на кулите спроти „Холидеј ин“, а прашање е дали истата судбина го чека градот и со бетонскиот комплекс што се очекува кај поранешната фабрика „Треска“? До сега сите протести и иницијативи на граѓаните не успеаја да спречат ништо. Но скопјани не се откажуваат од борбата. Сега неформалното здружение „Иницијатива за спас на Расадник“ најавува мирен протест во обид да се изборат против планот на Општина Кисела Вода, во Расадник да изгради стотина нови згради.

-Одлучивме да го спасиме Расадник од бетон, и нема да отстапиме од тоа. Тука планираат да изградат околу 90 нови згради, по нашата проценка со тоа би се населиле околу 10.000 нови жители, колку еден помал град. Нас и сега ни е тешко, немаме тротоари, немаме улици, немаме место за паркинг. Нема пристап ниту за противпожарно возило. Сега се гради катна гаража за 50 возила. Таму досега можеше да се паркираат околу 35 возила, значи само за плус 15 возила се трошат пари за градба, не се прави ништо плански, само колку да се рече дека нешто се работи, вели Слободан Вуксановиќ, претставник од Иницијативата за дел од медиумите.

Градоначалникот на Кисела Вода уште кога првично беше претставен проектот за Расадник, секогаш во настапите зборуваше за реализација – никогаш не ставајќи ја опцијата за спречување на градењето како реалност. Ќе успее ли оваа Иницијатива навистина да спречи никнување на бетонски град во Кисела Вода, или пак ќе биде запишана само како уште една бадијала борба на граѓаните?

Претходна вестУтре облачно, но топло – можен е дожд
Следна вестВо јули почнува да се снима нов филм на Милчо Манчевски