Жолтицата да не биде најподготвена за првиот час по распустот

Жолтицата е заболување кое може да се спречи. Во спротивно се шири брзо. Центарот за јавно здравје вчера соопшти загрижувачки податок: од септември до сега во Скопје се регистрирани 78 случаи на заболувања од заразна жолтица. Тоа е за неколку пати повеќе во споредба со претходните години. Веќе е прогласена епидемијата во населбата Даме Груев, здравствените власти се на чекор да прогласат епидемија и во Сарај, а за заболувањата за првпат се регистрирани во општините Петровец и Студеничани.

Веќе од порано се знае дека голем дел од заболените се ученици од десетина основни и средни училишта. Ако бројот на заболените сега расте и во периодот на зимскиот распуст, тогаш се оправдани стравувањата дека со почетокот на второто полугодие учебната бројката уште повеќе ќе се зголеми. Заради ова, добро е што здравствените власти предупредија на ова, што дадоа препораки за преземање на првентивни мерки за чистење и дезинфецирање на тоалети, работните површини, како и предметите за општа употреба во училниците…

Но, тука не смее да се запре. Неодамнешната анкета меѓу учениците во најурбааната скопска општина Центар покажа поразителни податоци: само секое второ дете мие раце по употреба на тоалет, а од нив само осум отсто од момчињата употребувале сапун. А 28 проценти од девојчињата!? Кога се знае дека жолтицата е болест пред се на валканите раце, тогаш е јасно кој се треба да делува – првенствено родителите кои мора да ги навикнат децата на оваа хигиенска навика, но и наставниците во училиштата каде инфекциите најлесно се шират. Само така ова и други заразни болести може да се сопрат.