Голем подвиг е да се искачиш на врвот на светот. Овој потфат бара голема физичка и ментална сила. Сето тоа го имаше лекарот Златко Јаќоски кој на 19 мај се искачи на највискиот врв на светот Монт Еверест висок 8.848 метри. Тој е шестиот Македонец кој го успеал тоа. Овој скопјанец – вљубеник во планинарство и во алпинизмот и член на скопскиот планианрски клуб Х2О – HealtyHikeOurdoor (поранешен ПК „Макпетрол“) за подвигот се подготвувал подолго време…
Го освоивте „Врвот на светот“ што е огромен успех. Како дојде до овој потфат?
-Проектот таканаречен “Seven summits“ (седумте највисоки врвови на секој континент) го започнав 2014 год со искачување на планината Западен Елбрус (Европа) по што следеа, планините Аконкагва (Јужна Америка), Килиманџаро (Африка), Денали (Северна Америка) и оваа година Монт Еверест (Азија). За комплетна реализација на овој проект останува да се искачам уште на планините Винсон (Антартик) и Карстен Пирамид (Океанија со Австралија) што се надевам ќе се реализира во поскоро време, во зависност од финансиите. Подготовките за искачувања на овој тип на врвови бара целосна посветеност, дисциплина и континуитет во одржувањето на психо-физичката подготвеност што значи редовно планинарење во текот на викендите и празниците. Најчесто одам со наши планинарски клубови и со пријатели на планите во Македонија и на Балканот, а понекогаш и на Алпите. На Водно кој е извонреден за кондиција одам покрај викендите и во тек на работните денови кога дозволуваат временските услови и обврските. Исто така три пати неделно одам на вежбање во сала. Се трудам да водам подисциплиниран животен стил со помалку конзумирање на алкохол и секако без цигари.
Како течеше искачувањето, што беше најтешко, имавте ли опасни ситуации…?
-Експедицијата беше организирана од Asiantrekking од Катманду при што бев вклучен во интернационалниот тим, во кој покрај мене, беа и Marios Ginnaey од Грција, Avaid Sido од Израел и Jason Kennison од Австралија. Целокупната експедиција траеше околу месец и половина. Започнавме со искачување на 6 април од Лукла на 2.880 м. од каде постепено одевме по трекинг патеката за Базниот камп Еверест 5.364 м. во тек на седум дена. Потоа следеше дополнителна аклиматизација која ја направивме во три наврати, и тоа прво со искачување на прекрасниот врв Lobyche East 6.119 м., потоа еден од најопасните но и најатрактивен Khumby глечер и како последно ротација до Камп 3 на висина од 7.165 м. по што се спуштивме во базниот камп каде чекавме поволни временски услови.
По долготрајно чекање се одлучи дека како можен ден за искачување на Еверест би бил 19 мај и затоа на 15 мај во 3 часот наутро тргнавме кон Камп 2 преку Khumby глечерот и Камп 1. По пристигнувањето во Камп 2 направивме еден ден пауза и потоа се упативме кон Камп 3 каде ноќевавме и следниот ден се искачивме на Камп 4 (South Col). Во 21.20 часот на 18 мај тргнавме кон последниот дел од мршутата кон искачувањето на Еверест. За жал, во текот на целото искачување имавме многу лоши временски услови со јак ветар 40-50 км. и од северен и јужен правец ниска температура под -30°С кои го отежнуваа нашето движење.
Патеката од Базниот камп Еверест до врвот води низ неколку ризични места. Првиот голем предизвик е Khumby глечерот кој всушност е замрзната река и буквално целиот е испрекинат со големи и длабоки глечерски пукнатини кои се премостени со скали за да може да ги преминеме, како и огромни ледени блокови кои се наредени еден преку друг, таканаречени “Popcorn“, меѓу кои се движевме при што постои континуирана опасност од нивно паѓање или евентуална лавина. Бидејќи глечерот секојдневно се движи патеката се менува, така да јас три пати во некои делници Khumby го доживеав различно. За жал, во текот на поставувањата на фиксните јажиња од страна на искусни шерпаси се случи несреќа при што тројца од нив загинаа. Следен предизвик на патот кон врвот е Lhotce face, кој започнува од камп 2 до кампот Lhotce што претставува многу долга стрмнина (6.400-7.800 м.). Искачувањето на оваа делница е по снег, но и по син мраз кој е исклучително опасен и ризичен за пролизгување заради што во текот на целокупното искачување сме врзани за фиксно јаже, кое е однапред поставено, и користиме направа жумар кој овозможува да имаме поголема сигурност и да се помагаме и со рацете во текот на искачувањето. Најтешка делница за мене беше последниот предизвик, а тоа е Hillary step степ, каде нагло осетив губење на енергијата веројатно зошто тогаш веќе бевме над 8.600 м. и во континуитет имавме силен ветар кој носеше и снег со себе и го лепеше на моето лице и очила. Одењето ми беше успорено па дури и помислив дека нема да успеам да се искачам, иако врвот последните 30 минути го гледав пред мене. Сепак, смогнав сили и на Еверест се искачив заедно со тимот.
Опишите ни ја последната делница подетално, делот пред самиот врв… Како ги совладувавте последните стотици, десетици метри. Какво беше чувството кога се искачивте на самиот врв? Колку останавте на него? На што помислувавте во тие моменти?
– Во делот на Hilary step почуствував немоќ и изнемоштеност но заедно со целиот тим во исто време се искачивме на Моунт Еверест во 9 часот наутро. Бидејќи временските услови беа многу лоши на врвот направивме неколку фотографии и по 5 минути започнавме со спуштање, немајќи време и можност да уживаме во погледот од врвот на светот. Имавме можност да направиме неколку фотографии и шерпасите наредија одма да се спуштаме. Чуството на самиот врв беше со измешани емоции, од една страна среќен што успеав да се искачам на врвот на светот, од друга страна тажен што моравме веднаш да се симнеме немајќи можност да уживам во погледот и успехот поради лошото време. Инаку, чувството кога сте на врвот на светот е величествено.
o Какво беше враќањето, патот надолу, дали беше опасно? Дали помислувавте и на трагичниот случај со првиот македонски освојувач Димитар Илиевски – Мурато…?
– Знаејќи дека најголем процент на несреќи се случуваат при спуштање бев посебно внимателен. И покрај тоа, на две места на Hillary steps заради умор се лизнав, но фиксното јаже ме задржа. Во потегот од камп 4 до врвот имаше неколку тела кои не опоменуваат на животната опасност низ која минуваме. Пред да тргнам на Еверест разговарав со нашите искусни планинари проф. д-р. Сашко Кедев, проф. д-р Горазд Росоклија (член на македонско-југословенската експедиција со Диме Илиевски) и Здравко Дејановиќ, при што ми беше укажано да го слушам организмот и што поскоро да се спуштам да не потклекнам на уморот и да седам да се одмарам. Точно на делот од Hillary step до таканаречениот Балкон, се најголемиот број на смртни случаи (се смета дека и Диме Илиевски тука има загинато) и затоа се спуштив најбрзо што можев до камп.
Вечерта останавме во Камп 4 и следниот ден се спуштивме во Камп 2. На 21 мај се спуштив во Базниот камп каде по еден ден одмор во следните три дена се спуштив до Лукла од каде со авион слетав во Катманду.
Кој Ви е следен потфат?
– Следните предизвици се многу, секако сакам да го завршам проектот “7 Summits” со искачување на Винсон и Карстен Пирамид, но по искуството на Хималаите во план за поблиска иднина ми се АмаДаблам, Лоце и Манаслу. Од повисоките и поатрактивни планини покрај петте горенаведени од седумте континенти ги имам искачено и Монт Блан, Ленин, Гросглокнер, повеќе врвови на планинскиот масив Монте Роса како Полукс, Балмерхорн, Виченте Пирамиде, Цумштајншпиц и други алпски врвови над 3500м. Љубител сум и на таканареченото “ферата” искачување и затоа од поатрактивните би ги издвоил искачувањата на на неколку врва на Јулиските Алпи, Доломитите и Тиролските алпи.
По моето спуштање во Катманду имав можност да учествувам во прославата на “Платиниумскиот љубилеј 70 год од првото искачување на Еверест” каде беа доделени бројни награди на истакнати планинари. Јас бев повикан на прием кај министерката за Туризам на Непал Сусхила Сирпали Такури која ми го честита искачувањето на Еверест и бев повикан на прием во општината Gokarneswar каде ми беше доделена благодарница од парламентарката Shanti Shreshta. На крај сакам да се заблагодарам на сите што на било кој начин ми помогнаа и беа со мене во текот на оваа експедиција.