Знам, со моето такси старо 20 години многу загадувам, но без субвенции ни на сон не можам да го сменам

Не го трујат Скопје само оџаците…

Возилото на скопскиот таксист Љупчо Ангеловски е старо околу 20 години и е „дизелаш“ кој многу го загадува воздухот. Така ќе биде и зимава бидејќи ова ќе биде уште една година во која Ангеловски нема да може да ја смени колата и да купи нова.

-Знам дека колата е стара и дека многу придонесува во загадувањето на воздухот во Скопје, но, стандардот не ми дозволува ни да сонувам за нова кола. Престарени се и многу други коли кои секојдневно се возат по градските улици. Надлежните треба да размислат како да се „подмлади“ возниот парк во градот ако се сака прочистување на воздухот. Зошто да не почнат да даваат субвенциии, да даваат поволни услови за кредитирање, ни рече Ангеловски.

Податоците за просечната старост на возилата во земјава и градот само го потврдуваат она на што предупредува овој таксист. Во земјава има околу 403.000 патнички автомобили, тие во просек се стари околу 19 години. Најголем дел од нив – 84,1 процент се постари од десет години и имаат мотори под европските стандарди кога е во прашање испуштање на штетни издувни гасови. Најголемиот дел од овие возила се сконцентрирани или често доаѓаат во Скопје. Според истражувањата, по чадот од печките од домаќинствата, старите автомобили се втора причина за прекумерното загадување на воздухот во градот. Надлежните преку различни субвенции за печки на пелети, за инвертери и слично стимулираат замена на начинот на греење. Но, кога е во прашање замена на старите возила тоа се уште е во фаза на предлози и идеи

-Јас прво би направил единствен регистер на возилата со податоци за техничка исправност и за емисијата на издувни гасови. Кога ќе ја имаме точната статистика, во зависност од општата техничка состојба на возилото, ќе се одреди, дали е за субвенција во вид на “плински” уред, дали е за исклучување од сообраќај со можност за купување на малолитражно возило преку одредени државни субвенции, но исклучиво ново, смета Марти Ивановски.

Според неофицијални најави, до крајот на годината би требало да започне променет начин на оданочување на возилата кои се увезуваат во земјава. За увоз на нови или употребувани возила ќе треба да платат данок врз основа на вредноста, но и врз основа на просечната емисија на јаглерод диоксид. За тоа колку ќе треба да се плаќа, допрва ќе се прецизира во Уредба што ќе ја донесе Владата. Но, се уште нема и официјални најави дека ова ќе стартува. Беше најавено и дека со по 3.000 евра ќе се субвенционира замена на стари возила, но и тоа се уште чека.

-Прво треба да се покачи стандардот на луѓето со поголеми плати и да се намалат трошоците на живеењето. Се додека не добиеме плати поголеми за минимум 10.000 денари ќе возиме кршови од коли и ќе загадуваме. Јас возам кола од 1995 година и не планирам да ја заменам се додека не добијам повисок стандард на животот и пониски цени за животни намирници. Тогаш ќе имаме и чист воздух и пари во џебот, ни рече скопјанецот Владимир Костадиновски.

Се помалку се купуваат нови возила
Податоците покажуваат дека опаѓа и купувањето на нови возила. Така, ако во 2017 година бројот на патнички автомобили со прва регистрација изнесувал 26.609 возила во 2016 бил поголем од тоа за околу четири илјади – 30.423 нови возила. Истовремено, намалени се и одобрените кредити за автомобили.