Зошто детските одморалишта во Љубанци и на Водно се оставени на насилници да си лечат комплекси?

На зградата, освен голите бетонски ѕидови, речиси нема ништо нескршено. Сите прозорци, на сите три ката се искршени, влезните врати, дрвени конструкции… А внатре е уште полошо бидејќи нема просторија која што е останата неуништена, демолирана… Надвор, дворот пред зградата е веќе претворен во депонија на која се трупаа штици, стакло, секакви отпадоци. Ризично е и да се помине оти минувачот може да се повреди на стакло, на шајки што демнеат од искршените летви…

Ваква морничава глетка дава некогаш познатото детско одморлаиште „Страхил Андасаров“ во скопското село Љубанци. Така е веќе со години, откако одморалиштето остана без каква и да е грижа од надлежните институции. Додека пред повеќе години служеше како место за сместување на бездомниците од градот објектот некако функционираше, но и тогаш се забeлежуваа знаци на пропаѓање. Откако престана да биде засолниште за бездомиците пропаѓањето стана се побрзо. Сега веќе целиот објект делува морничаво.

Скопјанецот и љубител на планините Горан Никовски кој деновиве го посетил објектот, негодува поради запоставеноста на објектот кој може многу да користи.

-Состојбата е ужасна, ништо здраво не е оставено, се е уништено. Јас се сеќавам на ова одморалиште порано, кога тука одеа децата на рекреација. Тогаш функционираа и сите детски одморалишта во скопско. Сега веќе триесетина години ништо не се прави со нив, разочарано констатира Никовски кој е професор на Факултетот за физичка култура.

За жал, и состојбата со други детски одморалишта на подрачјето на градот не е ништо подобра. И детското одморалиште на Водно со децении веќе е оставено да пропаѓа.  Тоа е исто така, речиси целосно неупотребливо и секоја година е во уште полоша состојба. Трагедијата да биде поголема тука со децинии стои и големата бетонска конструкција на големиот објект кој требаше да служи за одморалиште. Но, и тој никогаш не се заврши и сега и таа конструкција пропаѓа и прашање е дали некогаш ќе може да се надогради.

Едноставно и ова одмаралиште и она во Љубанци се оставени на насилници да си ги кршат, уништуваат… односно да си лечат фрустрации.

Во 2014 имаше обид на надлежното Министерство за труд детското одморалиште на Горно Водно да добие сопственик преку продажба во која беа понудени уште шест други вакви одморалишта во Македонија. Но, од тоа ништо не испадна и сега сите тие, за жал, си пропаѓаат.

А што е најлошо, тоа не предизвикува ничија загриженост.