Зошто младите ни се се поагресивни?

Колумна на Дарко Ангеловски:

На сите тешко ни падна случајот со ланското убиство на 17-годишник во скопската населба Ново Лисиче. Граѓаните сега протестираат во однос на пресудата, но основното прашање е зошто се случи инцидентот. И не само овој, вистинското прашање е зошто имаме се повеќе малолетнички тепачки, зошто младите средношколци одат со ножеви во училишни чанти, со боксирачи, па некогаш и пиштоли? За дрога да не збориме. Односно, прашањето е зошто младите ни се се поагресивни?

Би се кажало дека агресија кај младите секогаш имало. Сепак, наназад две-три години се гледа дека ова е се поактуелна и позагрижувачка тема. Јас, како дел од сепак помлада генерација, спортист кои има многу контакти со младите, мислам дека се потекнува прво од кругот на семејството, од она воспитание што го даваат тато, мама. Посебно она воспитание кое го „дава“ некој моќен родител, бизнисмен или функционер, сеедно.

Па така, кога ќе се случи некоја драма, инцидент во кој е учесник некој тинајџер, се слуша и ова: „Не се секирајте, другари, татко или мајка ми, ќе средат се…“ Па така, се заташкуваат случаите, не се збори за проблемите, не излегуваат на површина , туку тлеат и во еден момент пак имаме инциденти и жртви.

А вакви проблеми, може и мора да се средуваат, да се решаваат. Не може да не биде тема во општеството прашањето зошто млади носат ножеви, од каде им е поривот да избодат некого, зошто се решаваат да се пресметуваат со некого. Ваквите теми не може да се оставаат само на полицијата која постапува како што си е надлежна: ќе легитимира, ќе најде оружје, ќе напише пријава, можеби таа ќе стаса и до казна а можеби и ќе остане во фијока. Таквите случаи во кои се наоѓа оружјето не смеат да останат само на тоа. Јас не би дозволил да поминат лесно, благодарение на јавувањата на „моќните тато и мама“. Мора да има неселективни санкции, но и тие да бидат поголеми.

И не само тоа, по страна од активностите не може да останат училиштата, не може да останат општините, невладините организации… Зошто за темата агресивноста кај младите да не се збори повеќе на училишни часови, да не се организираат трибини со експерти, со млади кои поминале низ едно такво искуство… Ова тема мора што повеќе да биде присутна во јавноста, меѓу младите за да тие сфатат дека употребата на оружјето не е единствен начин на кој може да се решаваат конфликит кои избувнуваат меѓу нив. Само на таков начин, кога ќе се имаат продуктивни разговори, ситуации,  ќе може да се одбегнуваат инцидентите и младите да го кротат вишкот на енергијата што го имаат. Спортските терени се доволно големи за сета енергија и за потребата за докажување кои ги имаат младите. Само тие навреме треба да се насочуваат од постарите…

Претходна вестПрашања до докторите на Клинички центар
Следна вестКазнети 557 лица, не носеле заштитна маска