Зoшто никој не е казнет за исцртување и донесување на нехуманите и профитерски ДУП-ови?

Најголемот дел од плановите се на штета на функционирањето на градот и жителите и поради тоа маѓепсаниот круг на нивно нарачување, изработување, одобрување, носење и корупција и лични интереси наместо јавниот, еднаш мора да се разбие. Секако дека мора да се повикаат на одговорност сите инстанци вклучени во процесот и конечно наместо колективна да се сноси лична одговорност, смета архитектката Сања Раѓеновиќ – Јовановиќ
Во Скопје се гради секаде каде има и една педа простор. Без мерка и правила. Еве, да потсетиме ако некој мисли дека констатацијата е претерана: Три шеесеткатници на мал простор кај ГТЦ, десетици висококатници во едно Маџир маало, низа на десеткатници во стар Аеродром, зграда до зграда во Дебар маало, во Расадник исто, нов „Кинески ѕид“ во Карпош…
Сето тоа е резултат на, најчесто, прекуноќно цртаните најразлични ДУП-ови кои потоа мазно биле изгласувани на седници на општинските совети во Скопје. И потоа, со амин на градоначалниците се издаваа градежни маркички, дозволи… На крајот, кога се ќе беше завршено ќе се видеше дека нема зеленило, дека нема паркинзи, дека улиците се тесни, дека нема тротоари. Откако голем дел од објектите ќе се изградеа, ќе се видеше дека Деталниот урбанистички план не бил во согласност со Генералниот урбанистички план на Скопје, и дека се прекршени предвидените пропорции, димензии, бројот на објектите, на жителите, на улиците, на зеленилото… Едноставно, не се мислело на животниот простор и удобноста за тие кои таму ќе живеат.
И таа узурпација на просторот и тоа кршење на стандардите си останува како такво. Скопје не памети дека никој одговара за така направените ДУП-ови. Сите се спокојни, и општинскиот совет, и градоначалникот, и фирмата која што го изработила деталниот урбанистички план…
– За жал, се соочуваме со нехумани ДУП-ови и за тоа никој не одговара, а не треба да биде така. Мора да има одговорност и тоа мошне строга за сите оние кои отстапиле од она што го предвидуваат принципи на хумано живеење и од параметрите предвидени со ГУП, смета скопјанката Соња Јовановиќ.
ДУП-от си останува и само во ретки случаеви, како сега во случај на општина Центар се прави ревизија за да се испочитуваат урбанистичките правила. Другите општини засега си молчат и не прават ништо против оние кои донеле урбанистички планови во кои нема животен простор за луѓето….

Казни постојат, ама…
Инаку, казни за непочитување на Генералниот урбанистичкиплан се предвидени и во Законот за урбанистичко планирање. Таму, на пример, предвидена е глоба во висина од 8.000 до 10.000 евра во денарска противвредност за правно лица ако изработи ДУП во кој не се почитувани намените на просторот утврдени со ГУП-от. За ова, казната за физичко лице изнесува 3.000 до 5.000 евра. Но дали некој ги изрекува?

Градоначалникот Богдановиќ осамен против урбанистичкиот хаос
Градоначалникот на општина Центар Саша Богдановиќ по изгласувањето на три ревидирани ДУП-а неодамна изјави дека „мораториумот се покажа како единствен лек за подобрување на плановите“.
-Претходните планови имаа многу недостатоци и отстапуваа од стандардите за квалитетно живеење. Главната цел беше да се постигне похуман начин на живеење. Среќен сум што бришеме објекти за да ги искористиме површините за паркови и зеленило, рече Богдановиќ.
Дали другите градоначалници ќе го следат или тој ќе остане сам во битка со урбанистичките насилници?

Целиот текст може да го прочитате во бесплатниот неделник СКОПСКО ЕХО