Зошто новиот булевар Чаир – обиколница со години чека бел ден?

На скопјани никако не им е јасно кој е виновен што новиот булевар – кој треба да значи директен излез од Чаир на обиколницата, без да се влегува во Бутел, со години не се завршува и стои онаму каде што застана кога се промени власта.

– Уште само малку остана, а никако да го завршат. Кога прашуваме во општината Бутел ни велат оти градоначалникот на Скопје е одговорен и тука завршува приказната, вели за „Скопско ехо“ Соња М. жител на Чаир.

– А што да се каже, кога кај нас има се уште населби кои немаат канализација, немаат вода за пиење, немаат асфалт… кога вака набројуваме, булеварот му доаѓа како луксуз, ни вели нејзиниот сограѓанин Исмаил Р. кој живее на улицата Џон Кенеди.

Медиумите бараат одговори од Петре Шилегов, односно тоа го бара и од неговиот претходник. Имено Коце Трајановски го обвинува Шилегов дека требал да заврши нешто што било речиси 90 проценти готово. Барем така најави Трајановски своевремено кога почна со градењето 2015 година, па вети дека за 13 месеци ќе биде готово. Сега сме 2019 година, а булеварот не е мрднат понатаму.

Актуелниот градоначалник доцнењето го образложи со тоа дека ако проектот се реализира како што е предвиден, пола Скопје ќе остане без вода и електрична енергија. Алтернатива, не даде.

Булеварот требаше да го реши хаосот што се создава во сообраќајот во овој дел од Скопје. Дали ќе види бел ден или ќе остане желба до некаде остварена, па заборавена во политичките пресметки?