Зошто Скопје не добива промоција каква што заслужува?

Вчера беше промовиран првиот интерактивен водич за нашиот град, „Здраво Скопје“, во кој се содржани сите обележја на метрополата, од минатото до денес. Во него можете да ги прочитате сите препознатливи локации, култни места и урбани легенди, а направен е за да биде интересен за млади и за стари, за домашни и за странски туристи, со интерактивни мапи за сите посакувани дестинации. Главната идеја за овој проект произлегува од отсуството на пишан материјал за богатата историја на градот, особено за деца.
Во целата вест најмногу в очи паѓа фактот што ова е прв водич. Прв водич на градот? Каде беа писателите, уметниците, креативците да ја „стават на хартија“ историската и секаква друга вредност на градот? Знаеме ли да ја продадеме, барем туристички нашата приказна?
За волја на вистината, после Охрид, странските туристи најмногу доаѓаат во Скопје, и, верувале или не, за нив најголема атракција се спомениците од „Скопје 2014“. Точно оние околу кои, особено политички, се креваше огромна прашина.
Како и да е, политиката настрана, останува отворено прашањето зошто Скопје и до сега не добиваше промоција каква што заслужува? Чија е одговорноста?
„Здраво Скопје“, меѓу другото, ги претставува духот и обичаите на градот. Преку семејните традиции за заеднички ручек, начин на комуникација, игра, рекреација, говор, стил на облекување и живеење, се доловува позитивна атмосфера на заедништво и соживот кои во книгата особено се истакнати и вреднувани.
Но, одговорните да нне се опуштаат туку да се запрашаат дали и ова е доволно?