Зошто власта 6 години скоро ништо не изгради, а сега брза да гради скапи автопатишта?

Пат се гради со чист проект, со расчистени имотно – правни работи, со давање на тендер, а не во „четири очи“ и сега место за сомнеж има колку сакаш, смета Благоја Петковски 

Владата веќе неколку години се фали дека многу гради низ Македонија. Јавноста пак многу малку гледа од „изграденото“ и вели дека никогаш не се градело помалку. И така дојдовме до моментот кога министрите сосе премиерот несопирливо запнаа да градат 110 километри патишта од коридорите 8 и 10 . Експресно носат одлуки иако се работи за обемни проекти за неверојатни износи – милијарда и 300 милиони евра. Зошто наеднаш толку им се брза да градат?

Во Собранието на најбрза лента се ставени промени во законите само за да се гради. Експерти и синдикати тврдат дека ги нарушуваат работничките права, ама Владата запнала ќе прави патишта. Ставено им е на законите и европско знаменце со цел да се ограничат дискусиите, иако ЕУ од Брисел порача дека тое не е исправно, дека не е никаво усогласување со европското право. Но, Владата, која толку понизно го слуша Брисел кога треба да се попушти во договорите со соседите, сега земала лопатите и поставува камен темелници. И пред во парламентот да се усвојат законите кои овозможуваат работа на теренот на планираната траса од Прилеп кон Битола веќе се вршат геомеханички испитувања. Не се знае каде точно ќе оди трасата, ама се работи – ударнички.

Нема јасен одговор колку воопшто ќе чини целиот проект, зошто е толку скап надзорот, колку ќе чини еден километар, како ќе се изјасни Јавното обвинителство на кое му е доставен договорот на проверка, ама на министрите им се брза – сакаат да градат.А ваквото брзање се случува по шест години откако оваа владина коалиција управува со државата, откако во сите овие години имаше шанси да изгради километри и километри автопатишта. Зошто е такво брзање, од кои причини?

-Сум работел на патишта и можам да кажам дека пат се гради со чист проект, со расчистени имотно – правни работи, со давање на тендер, а не во „четири очи“ и сега место за сомнеж има колку сакаш. Но, тие сега очигледно сакаат да прикажат дека нешто прават откако до сега не градеа ништо. Се чини дека се ближат изборите но доцна е, вели Благоја Петковски.

Колку до сега се градеше се виде по реакциите на јавноста кога пред неколку месеци владеачката партија и премиерот Димитар Ковачевски се пофалија дека изградиле 1.300 километри патишта. Иронични коментари, неверување, шегување… беа само дел од безбројните коментари на граѓаните на социјалните мрежи. Потоа излезе и анализа во медиумите од која се виде дека во тој список биле ставени и незавршениот автопат Кичево – Охрид, делницата од Катланово до Петровец чија реконструкција трае со години. Излезе дека од 1.300 километри реално биле направени само 14-километри на делницата од Крупиште до Кочани, а сето останато се реконструкции.

-Брзање како брзање за градба на автопатишта никогаш не е доволно брзо. Барем кај нас каде ги искршивме колите. Проблемот е што се сакаме некако на сила, буквално за се. Знам дека ќе има многу проблеми при експропријацијата. Дигиталните геодетски подлоги се катастрофални, но за тоа никој ништо не презема. Сето ова не треба да се прави со силување, тоа не може да е за наше добро, вели граѓанинот Томе Цветковски.

Но, Владата не се премислува. Таа веќе ги исплати и првите 117 милиони евра за градбата на овој проект наменети за американско-турскиот конзорцијум „Бехтел и Енка“. Се брза со се: со удирање на камен-темелници, со сликање за медиуми, со трошењето на милиони евра, со начинот на градба, со спорни закони…

Дискутабилни се некои делници

Она што, исто така е дискутабилно е и изборот на четирите траси: Тетово – Гостивар, Гостивар – Букојчани, Требеништа – Струга – Ќафасан и Прилеп – Битола. Беше ли, навистина, неопходно да се работи на делницата од Тетово до Гостивар кога таму веќе има автопат? Или, сега да се прави автопат од Прилеп до Битола кога солидниот пат со малку средства може да стане експресен пат, а со заштедените пари да се направи подобра сообраќајница од Битола до Ресен и Охрид на пример или од Кочани до Делчево или…

Претходна вестАвтобус без патници изгоре на патот Охрид-Кичево
Следна вестПарламентарни избори во Грција: Расположението на гласачите многу неизвесно