Претседателот на СДСМ и поранешен премиер, Зоран Заев, е многу активен на социјалните мрежи. Тој секојдневно преку Фејсбук испраќа разни пораки, честитки, размислувања…
Она што може да се забележи е дека во последно време, Заев во своите пишувања воопшто не го споменува уставното име на нашата држава.
Еве на пример како се изразил денеска кога мислел на Македонија:
–Нашата татковина има потреба од избори во првиот можен термин за да го дочекаме новиот бран на коронавирусот наесен целосно подготвени. На граѓаните и на државата им требаат институции со целосен легитимитет за да создадат услови за новата нормалност, со полн капацитет да го заштитиме здравјето на граѓаните и да ја рестартираме македонската економија, напишал Заев.
Ова е негов текст од пред два дена:
-Време е за новата нормалност. Нашето општество мора да продолжи да функционира. Мерките се олабавуваат, надлежните институции потврдуваат дека епидемијата е под контрола. Вирусот ќе биде присутен подолго време и мора да научиме да живееме со него, напишал Заев.
Вака тој се изразил пред 5 дена:
-Синоќа се реализираше првата трансплатација на срце во нашата држава. Искрени честитки до целиот тим вклучен во оваа исклучително тешка операција. Ова е огромен успех за македонското здравство и уште една потврда за големиот потенцијал на нашиот кадар и нашите институции. Ви посакувам уште бројни достигнувања, напишал Заев.
Лидерот на СДСМ има повеќе текстови напишано на Фејсбук и во текот на овие последни 5 дена, но и во неколкуте денови пред тоа, и ниту во еден текст го нема споменато уставното име на државата. Не е спомената ниту Македонија.
Зошто е така? Прашањето се наметнува само по себе особено ако се знае дека токму тој најмногу се бореше за новото уставно име.