Состојбата во судството е тема која многу ја разочарува македонската јавност. А да не зборуваме за сега веќе „турската серија“ околу Судскиот совет.
Има ли претставка од Антикорупциската комисија за случајот со Рамиз Мерко до Судскиот совет пред неколку години, дали била примена, дали е загубена, валидна ли е потврдата, од која година е…, сето ова се нови епизоди во случувањата во кои е вклучен Судскиот совет.
Наместо да се одговори на прашањето зошто судските и други постапки против струшкиот градоначалник со години тапкале во место и кој е за тоа виновен, јавноста сега ја замараат со тоа дали имало испратници или не на доставката. Дури сега се праќаат контроли по судовите за да се види дали и кој намерно ги држел случаите по фиоки.
А да ги споменеме ли претходно проблематичните – смена на претседателката, оставка од двајца членови…?
Очигледно, скандалозностите поврзани со Судскиот совет продолжуваат и како да немаат крај? Сето ова не е доволна потврда дека актуелниот состав на Судскиот совет не успева да ја контролира работата, да воспостави интегритет и да ја врати довербата во ова важно тело коешто се грижи за независноста на судството? Уште ли треба да се губи време?
Оставки и заминување на преостанатите членови се поочигледно е единствениот пат за да се реши проблемот кој самите го створиле. Но, на претседателот и на останатите околу него за тоа не им се слуша. Да беше поинаку, немаше да го тераат изборот на нови членови наместо двајцата кои неодамна поднесоа оставки. Невладините организации веќе соопштија дека нема да учествуваат во таа постапка бидејќи и изборот на новите членови нема да ја смени перцепцијата за лошото работење на Судскиот совет.
Ова треба да биде уште еден аргумент во прилог на потребата за целосно заминување на актуелниот состав и за целосна кадровска обнова на ова важно тело. Тој процес треба да го следи и преиспитување на моделот-начинот за избор бидејќи е очигледно дека досегашниот не обезбедува имунитет од надворешни политички, бизнис и други влијанија.