Фокусот на владата останува да биде ЕУ. Не сме сами, имаме многу пријатели. Ако мислите дека треба да ги полираме чевлите на некои од политичарите на земјите членки од ЕУ и дека тоа е начинот на тој пат, простете но јас не сум тој соговорник, изјави денеска премиерот Христијан Мицкоски.
Во обраќањето по повод 100 дена од работата на неговата Влада тој рече дека фокусот на Владата и натаму е Европската Унија, ама цената не смее да биде понижување на граѓаните. Според него, и македонската јавност и меѓународната заедница до сега биле навикната на функционери кои би прифатиле секакви ултиматуми, без оглед колку задираат во идентитетските прашања – со промената на владата се промени и реториката, Европска Унија да, ама со европски вредности.
-Мора да се навикнете на политичари кои работат за своите граѓани чесно и одговорно, без да ги понижуваат граѓаните. Фокусот на владата останува да биде ЕУ. Не сме сами, имаме многу пријатели. Ако мислите дека треба да ги полираме чевлите на некои од политичарите на земјите членки од ЕУ и дека тоа е начинот на тој пат, простете но јас не сум тој соговорник. Со мене може да се разговара со аргументи. За жал, повеќе од две ипол децении јас не слушнав ниту еден аргумент. Како влада, продолжуваме да ги решаваме проблемите на граѓаните да одиме напред кон ЕУ. Во очите на многу политичари од ЕУ ние сме апсолутно тие што имаме аргументи. Тоа е диктат, ако треба да прифаќаме се. Тука нема цена. Диктати, закани и уцени не прифаќам. Зад нас се многу луѓе, тие се инспирација. Ние ќе работиме макотрпно, рече премиерот Христијан Мицкоски.
За критиките од опозицијата дека Македонија останува изолирана по одвојувањето од Албанија на патот кон ЕУ, Мицкоски вели дека власта во овие 100 дена покажала дека е посветена на евроинтеграциите и тоа го покажала преку бројните средби и активности на меѓународната политичка сцена.
Мицкоски го повтори ставот дека уставни измени со одложено дејство би можеле да бидат прифатливо решение но предупреди дека Македонија се соочува со двојни стандарди, по однос на договорите со Грција и Бугарија. Прашува зошто не може да важат правилата за одложено спроведување на обврските од Преспанскиот договор, во случајот со Бугарија.
– Нам ни се вели дека договорите мора да се почитуваат, Pacta sunt servanda. Ние го почитуваме Преспанскиот договор и користиме Северна надвор, при заклетви. Францускиот предлог не е договор. А каде во договорот со Бугарија стои дека мора да го смениме Уставот? Преспанскиот договор е условен, стои дека ќе поминат уставните измени, но ќе бидат ефективни кога грчкиот парламент ќе го ратификува пристапниот протокол за влез на Македонија во НАТО. Го сакаме ли овој Пакта? Ајде така да го примениме и со Бугарија, дека уставните измени ќе станат ефективни кога Бугарија ќе го ратификува пристапниот договор за ЕУ. Што е различно? Или за ова може, за она не може? А зошто не може? Зашто се собрале тројца корумпирани политичари кои потпишале сѐ и мислеле дека сѐ ќе им биде заборавено, рече премиерот Мицкоски.