Американскиот алпинист Алекс Хонолд изведе исклучителен и редок подвиг, искачувајќи го облакодерот „Тајпеј 101“ во Тајван без употреба на јажиња или заштитна опрема. Настанот беше емитуван во живо на платформата „Нетфликс“ и веднаш предизвика бурни реакции и прашања за безбедноста и законитоста на ваквиот потфат.
Иако на прв поглед искачувањето изгледаше како екстремен и ризичен чин, подоцна беше потврдено дека сè било целосно легално. Хонолд имал официјална дозвола од менаџментот на „Тајпеј 101“, како и од градските власти, а целиот настан бил формално организиран и спроведен со поддршка од надлежните институции.
Според достапните информации, процесот на одобрување траел со години. Управата на облакодерот првично ја одбила идејата, но по детални безбедносни анализи, планови и координација со повеќе институции, на крајот дала зелено светло за реализација на искачувањето.
Хонолд во изјави открил дека сериозно размислувал и за неовластено искачување, но од почит кон зградата, вработените и јавната безбедност, одлучил да го направи тоа само со целосна дозвола. Во спротивно, ваков чин би претставувал прекршување на локалните закони и правилата за безбедност.
Пред настанот, Хонолд испратил и писмен допис до надлежните, во кој нагласил дека е татко на близначки ќерки, со што сакал да покаже дека не се води од безумна желба за адреналин, туку од внимателно пресметан ризик. Во писмото истакнал дека искачувањето на „Тајпеј 101“ е негов долгогодишен сон и дека сака да го оствари легално и со целосна одговорност.
Иако и претходно имало алпинисти кои се искачувале на овој облакодер, Алекс Хонолд е првиот што го направил тоа целосно без јаже, што овој подвиг го вбројува меѓу најекстремните во историјата на спортското и урбано искачување.