Ракометната репрезентација на Исланд убедливо ја совлада Шведска со 35:27 во второто коло од втората фаза на Европското првенство.
Со оваа победа, Исланѓаните се рехабилитираа по поразот од Хрватска и на Швеѓаните им го нанесоа првиот пораз на турнирот. По овој натпревар, во Групата 2 водечка тројка се Исланд, Шведска и Словенија со по четири бода, додека Хрватска е четврта со два бода и натпревар помалку.
Исланд имаше контрола на резултатот во текот на целото прво полувреме. Шведска успеваше да остане во игра до 9:7, но серијата од 5:1 им донесе на Исланѓаните значајна предност. На полувремето резултатот гласеше 18:12.
На стартот од вториот дел, Швеѓаните заиграа подобро и во 42. минута се доближија на само еден гол негатива. Сепак, Исланд брзо го одби налетот и со три последователни погодоци повторно се одлепи на 26:22. Клучниот момент дојде во финишот, кога Исланѓаните постигнаа пет гола по ред и се одвоија на недостижни осум разлика.
Најефикасен во победничкиот состав беше Виго Кристјансон со 11 гола, Бјарки Мар Елисон постигна шест, а Один Тор Рикхардсон пет погодоци. Голманот Виктор Гисли Халгримсон забележа 12 одбрани. Кај Шведска, Албин Лагергрен беше најефикасен со пет гола.