Ревизорскиот извештај за 2024 година откри сериозни неправилности во работењето на Општина Охрид, поради што Државниот завод за ревизија даде неповолно мислење за финансиските извештаи и за усогласеноста со законската регулатива.
Општината нема донесено урбанистички планови за 20 населени места, не презела мерки за отстранување на бесправно изградени објекти, особено во заштитените подрачја, а дел од градбите се изведувале без одобренија и без платени комунални давачки. Дополнително, не е донесен ниту урбанистички план за крајбрежниот појас на Охридското Езеро.
Ревизијата утврдила и дека јавните претпријатија со години не уплаќале средства во општинскиот буџет, вклучително и за јавна чистота, паркинг и комунални такси. Во угостителството, дел од објектите користеле јавни површини без дозволи, а одобренија издадени за три месеци биле користени цела година.
Утврдени се и неправилности во културата и спортот, каде средства биле распределувани без јавен повик и без јасни критериуми, како и исплата на субвенции за јавни претпријатија без програма и согласност од Советот.
ДЗР даде низа препораки за надминување на состојбите, а извештајот за Охридскиот Регион треба да биде доставен до УНЕСКО до 1 февруари. Доколку препораките не се спроведат, постои ризик Охрид да се најде на листата на светско наследство во опасност и да го загуби заштитениот статус.