Темно Режим Светло Режим

Блокадата на товарниот сообраќај продолжува: Превозниците бараат итно решение од ЕУ

Блокадата на товарниот сообраќај со камиони на граничните премини во државава продолжува и денеска, како дел од заедничкиот протест на македонските превозници и нивните колеги од Западен Балкан. Превозниците бараат итно решение за проблемите што произлегуваат од воведувањето на електронската евиденција за престој во Шенген-зоната, според правилото 90/180 дена, кое стапува во сила од април годинава.

Иако товарниот сообраќај кон земјите од Шенген-зоната е блокиран и, според најавите, протестот ќе трае најмалку седум дена, патничкиот сообраќај на граничните премини се одвива непречено.

Камионските превозници од Македонија, Србија, Црна Гора и Босна и Херцеговина сметаат дека новиот ЕЕС систем ги става во нерамноправна положба во однос на превозниците од земјите-членки на ЕУ. Тие бараат посебен статус и професионалните возачи да не бидат третирани како туристи при влез во Шенген-зоната.

Advertisement

„Поентата не е да ја заглавиме сопствената стопанска активност, туку да укажеме што може да се случи доколку не се најде решение. Кога ќе се приклучат и Турција и другите земји, ќе се работи за над милион тони стока што ќе мирува или ќе чека, и тоа треба да биде јасен сигнал за сите“, изјави Билјана Муратовска од асоцијацијата на превозници „Макам-транс“.

Таа нагласи дека превозниците не можат со месеци да одржуваат блокади, ниту сакаат да предизвикаат штета на домашното стопанство, производителите и граѓаните. Доколку не се постигне договор, најави дека ќе се бараат други форми на притисок.

Муратовска потсети и дека Македонија има потпишано билатерални договори со повеќе држави во областа на транспортот, кои овозможуваат слободен пристап и движење на нивна територија. Дополнително, според превозниците, нема економска оправданост за ангажирање по двајца возачи по возило, особено во услови на недостиг од возачки кадар.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА:
Претходниот Пост

Облачно со локални врнежи: Дожд во пониските, снег на планините

Следниот Пост

Црна Гора затвори уште едно поглавје со ЕУ: Завршен финансискиот надзор