ДУИ полека станува главна градителска партија во владината коалиција. Веќе ги раководат прескапите коридори 8 и 10Д кои ќе ги гради „Бехтел и Енка, а сега нивниот лидер Али Ахмети го најавува и патот Тетово – Призрен.
Ахмети денеска се сретна со косовскиот министерот за инфраструктура Либурн Алиу и како што беше кажано најмногу се разговарало за патот кој веќе е во план.
-Сакам да го поздравам присуството на министерот на Косово, на иницијатива на премиерот на Косово, Албин Курти, со најдобра намера да продолжи комуникацијата како што беше во минатото. Посебно внимание беше посветено и на патот Призрен-Тетово, со својата извонредна економска вредност за двете наши земји, бидејќи патиштата го олеснуваат сообраќајот, сообраќајот развива напредна економија и верувам дека владините тимови активно ќе се занимаваат со оваа проблематика за проектирањето да биде е завршено во најкраток можен рок, истакна Ахмети.
Било споменато и дека треба да се пристапи на проектирање на тунелот што ќе минува низ Шар Планина, а воедно косовскиот министер му се заблагодарил на Ахмети што му овозможи да дојде и да разговараат за проектот.
Инаку, нејасно е зошто Ахмети на денешната прес-конференција не ги спомена неодамнешните немили настани при посетата на косовскиот премиер Албин Курти на Скопје и Тетово каде не беше интонирана македонската химна, не беше истакнато македонското знаме, а наместо тоа во Тетово се вееше знаме со т.н „голема Албанија“ со делови од Македонија.
Нејасно е и зошто косовскиот министер кога е во прашање градење на патишта не се сретна со македонскиот министер за транспорт и врски Благој Бочварски. Па нели за градење во Македонија е одговорен министерот од Штип?