СДСМ наголемо се фали дека го ажурира своето членство. Ќе правеле наскоро демократски избор на претседател на партијата.
Но, процесот на ажурирањето на членството на владечката партија се поклопи со периодот кога поранешниот партиски лидер и претседател на државата Бранко Црвенковски го замрзнато партиското членство. И сега е нејасно, ажуриран е Црвенковски или не.
Црвенковски на тој потег се реши по скандалозното интервју на актуелниот лидер Зоран Заев за бугарската агенција „Бгнес“ и за кое оцени дека „ќе предизвика тешки и долгоречни последици по македонскиот народ“.
-Ги повикувам членовите на СДСМ под итно да се свика Централниот одбор на партијата и на таа седница да се донесе заклучок дека искажаните ставови на Заев не се ставови ниту на ЦО, ниту на СДСМ во целина. До одржувањето на таква седница на ЦО, јас, Бранко Црвенковски, основач и долгогодишен претседател на СДСМ го замрзнувам моето членство во СДСМ, соопшти во ноември Црвенковски.
Наместо седница на Централниот одбор во партијата започна процесот на пререгистрација на секој член. Процедурата ќе се спроведува до 25 февруари при што од партијата ќе ги потсетат членовите дека треба да се ажурираат. Го потсетиле ли и Црвенковски?
Не е познато дали поранешниот лидер ќе се откаже од пререгистрацијата бидејќи е со замрзнато членство па поради тоа нема да презема никаква активност или пак, ќе ја пријави новата апликација за членството со СДСМ.
Како и да е, партиските правила се јасни, без ажурирање на членството нема членство во партијата, а уште помалку можноста да се гласа на претстајниот партиски конгрес за избор на новиот лидер на партијата. Актуелниот лидер Зоран Заев веќе му фрли ракавица и порача дека и Црвенковски може да се кандидира за лидер на конгресот предвиден за Денот на пролетта, 21 март.
Дали Црвенковски и неговите подржувачи кои сигурно не се малку во партијата ќе се активираат на партискиот конгрес останува да се види. Идат потопли денови, замрзнатите може да се одмрзнат…