Да се преиспита политиката на финансирање студии надвор од нашата држава, повика денеска главниот државен ревизор Максим Ацевски. На денешната презентација на Конечниот ревизорски извештај за студентскиот стандард и условите во студентските домови повика тој рече дека за оваа намена се одвојуваат речиси половина од сите средства кои се наменуваат за стипендирање на студентите.
-Дали ние сме толку богати за да ги финансираме другите држави, да ни се одлеваат нашите стручни високообразовани кадри во другите држави, рече Ацевски откако соопштувајќи ги наодите од извештајот за 2022 година рече дека 44,4 отсто од парите за стипендии се наменети за 111 студенти запишани на првите сто рангирани универзитети според Шангајската листа.
Посочи дека од околу 3100 барања од студенти на нашите универзитети, одобрени се 2509 и дека соодносот на одобрени и неодобрени стипендии „укажува дека нешто недостига во системот на градење на политиките, на рангирање на барателите и бројот на прифатени барања“.
-Но, да биде иронијата поголема, ако се изземат овие 2.509 студенти коишто се одобрени во текот на 2022/2023 година и ако споредите колкав процент на средства се издвојува за овој број на студенти со бројот на студенти што државата ги финансира за студии во странство за првите сто универзитети во светот, ќе констатираме дека дури 44,4 отсто отпаѓаат на овие 111 студенти. Може да видите дискрапанца дека 111 студенти го земаат колачот на стипендии 44,4 отсто од 2.509 студенти кои се финансираат во државата. И што имаме на крај – во суштина нашата држава е толку богата што нашите деца и нашите таленти ги финансираме со сопствени средства на нашите даночни обврзници, а воопшто не водиме грижа тие таленти и високообразовани кадри да ги вратиме во нашата држава и дадат придонес во нашето општество, рече Ацевски.
Според Извештајот на ДЗР, државата во 2022 година потрошила приближно 22 милиона 690 илјади евра за сместување, исхрана и стипендирање во високото образование. Од тие 22,6 милиони евра, 50 отсто се исплатени за студентки оброк, 40 отсто за стипендии, 17 отсто за сместување и исхрана, а 3 отсто за останати расходи.
Министерката Весна Јаневска посочи дека со закон е дефинирана процентуална распределба на стипендии по области при што некои не се искористуваат.
-Точно, големи се средствата што се издвојуваат за студентите што ги испраќаме на универзитети на Шангајската листа. Јас и натаму сметам дека идејата била добра, но реализацијата е лоша. Лично не гледам вина во тие студенти, гледам вина во однесувањето на државата, не само на МОН. Иако околу 40 проценти се вратени во земјата и работат во приватните компании, факт е дека државата на тие студенти треба да им обезбеди услови за тие што ќе се вратат за да работат. Дел од нив се уште се на постдипломски и на докторски студии. Значи, имаме реални шанси да ја подобриме оваа ситуација, истакна Јаневска.