Александар Трпковски, еден од осомничените за грабнувањето на Самоил Костадиновски, внук на поранешниот министер за внатрешни работи, Љубе Бошкоски вчера бил фатен на граничниот премин Табановце.
Трпковски беше во бегство и се бараше со меѓународна потерница, а од Министерството за внатрешни работи ја потврдија веста дека лицето било фатено и дека е спроведено во затворот во Шутка.
-На 30.09.2024 на граничниот премин Табановце бил лишен од слобода А.Т. од Скопје по чл.123 во врска со член 19 од кз и член 141 од КЗ и е спроведен во КПУ затвор Скопје, велат од МВР.
Самоил Костадиновски е пријавен за исчезнат на 4 март 2023 година, а исчезнувањето го пријавил неговиот брат кој кажал дека тој не се вратил дома и дека телефонот му е исклучен.
Пролетта беше изречена пресуда за неговото грабнување, но јавноста повторно не доби одговор што се случило со Самоил. Судот ги прогласи за виновни дваесет и седумгодишниот Виктор Миланоски и триесет и едногодишниот Саша Челикиќ, и двајцата од Скопје. Миланоски е осуден за грабнување на пет години и десет месеци затвор, додека Челикиќ на две години и два месеца затвор за помагање при грабнување. Но, случајот не е решен.