Град Скопје во денешното соопштение до медиумите апелира до претседателот на Советот Трајко Славевски веднаш да ја стави иницијативата за барањето на приватните превозници за разгледување пред советниците со цел деблокирање на овој сегмент од јавниот превоз во главниот град.
Во соопштението се наведува дека по вчерашната прес конференција на приватните превозници евидентно е дека непринципиелната политика, личните интереси и партиските приоритети сѐ уште се тактика на мнозинството во Советот на Град Скопје предводено од коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ за која цената ја плаќаат граѓаните на градот Скопје.
-Приватните превозници редуцирано сообраќаат поради револт за неразгледување на нивната иницијатива за која може да расправа и да донесе одлука единствено Советот на Град Скопје. Тие имаат доставено барање до претседателот на Советот на град Скопје Трајко Славевски пред неколку месеци, кое според Деловникот за работа на Советот на град Скопје требаше да биде ставена на разгледување пред советниците во Советот веднаш без одлагање. За жал, тактиката на мнозинството во Советот да се креира незадоволство и предизвика хаос за граѓаните на градот Скопје, преку спречување набавка на нови еколошки автобуси и обидот за девастирање на јавниот превоз со неисплаќање на долгот кон ЈСП од 8 милиони евра кој го има Владата за превоз на студентите и студентскиот стандард. Апелираме до Трајко Славевски како претседател на Советот на град Скопје уште веднаш да ја стави иницијативата за барањето на приватните превозници за разгледување пред советниците со цел деблокирање на овој сегмент од јавниот превоз во главниот град, се наведува во соопштението.