Граѓаните бараат: Немаме пари, Парламентот да има 80 пратеници, а Владата 10 министерства

Македонија има премногу парламентарци и министерства, тоа е прескапо, а пари нема и затоа мора да се намали нивниот број. Ова е пораката која ја праќаат многу граѓани на Македонија по објавата на вчерашниот текст на „Скопско Ехо“ со наслов: „Да се намали бројот на пратеници и министри“.

Во споменатиот текст се посочува само една од многуте причини за да се скрати парламентарниот состав и Владата: „Македонија според последниот попис има помалку дури 185.834 жители. Ако населението се намалува, нели треба и пратениците да се намалат сосе министерства?“

Граѓаните под текстот посочуваат и други причини, а и колку да биде кратењето на функционерите:

-Од 120 пратеници да се сведат на 60. И тоа е многу, немаме пари, напишала В. Дренковска.

– Максимално да се 80 пратеници и 10 министерства, посочил Н. Љужа.

-И тоа најмалку 30 посто да се намали парламентот, исто така и министерски ресори, Зоран К.

Малку поопширно свое мислење дала М. Калпацка:

-Точно треба да се намалат на 80 пратеници бидејки ние сме мала држава. Има министри немаат никаква задача само седат во фотелјата и ја ограбуваат државата, па да не речеме и колку нивни заменици се излишни за една сиромашна држава. Исто така треба и вицепремиерските места да се укинат, па и директорските места кои се само терет на буџетот. Тоа е правилен пат за да се намалат трошковите на државата, посочила таа.

-Платата да им се намали на минимална… И да земаат патни трошоци како цела администрација 900 ден. месечно, посочува С. Игнатовски.
-Да се намалат до 70 или максимум 90 како во Словенија, вели Ф. Филиповски.

За Оливера Б. „Доволно се само 10 души ама способни да ја водат земјата, не избрани по партиска или национална припадност“.

Има и граѓанин кој кажува колку е вишокот на трошоци кои може на друго-попаметно место да се употребат:

-Тоа со години го предлагаме. Пишуваме, зборуваме, но се ни е безвредно. Доволни се 80 пратеници. Државните трошоци ќе се намалат, а ќе се подобри стандардот на државата и граѓаните. За 40 пратеници сигурно се одвојуваат околу 100 илјади евра месечно. На годишно ниво 1.200.000 евра. А нивната работа е – нишај врата, земај плата и дреми на седници. Ова е државен проблем кој мора да се реши, напишал Т. Димов.

Има уште многу слични реакции од страна на граѓаните. Заедничко на сите им е дека промените во Македонија мора да почнат од реформа на Парламентот и Владата.

Претходна вестИгор Иџе Стефановски е на чекор до освојување на нова европска титула
Следна вестНаучниците предлагаат: Една соларна цнтрала да произведува електрична енергија за целиот свет