Темно Режим Светло Режим

Гранични премини под блокада за камиони од 26 јануари

Од понеделник, 26 јануари 2026 година, најавен е прекин на товарниот сообраќај на повеќе гранични премини во државата, поради јавен протест организиран од асоцијацијата „Макам-транс“, информира Министерството за внатрешни работи преку Одделот за гранични работи и миграција.

Според најавата доставена до МВР, протестот ќе започне во 12:00 часот и ќе се реализира на граничните премини Деве Баир, Делчево, Ново Село, Дојран, Богородица, Меџитлија, Ќафасан, Блаце и Блато.

Протестните активности ќе се манифестираат со ограничување на сообраќајот за товарни моторни возила, односно со затворање на коловозните ленти и терминалите наменети за товарен сообраќај. Истовремено, патничкиот сообраќај ќе се одвива непречено на сите гранични премини.

Според организаторот, протестот е предвидено да трае до седум дена, со можност за негово порано прекинување доколку се надминат причините поради кои е организиран.

Министерството за внатрешни работи, во рамки на своите законски надлежности, ќе преземе соодветни мерки и активности за одржување на јавниот ред и мир, како и за обезбедување безбеден и непречен сообраќај, со посебен акцент на движењето на патничките возила, автобусите и возилата што превезуваат лекови, жива стока, опасни материи и други приоритетни пратки.

Од МВР апелираат до граѓаните и превозниците навремено да се информираат за состојбата на граничните премини, да ја следат официјалната комуникација и, доколку е потребно, да користат алтернативни гранични премини.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА:
Претходниот Пост

Магливо утро, повремени врнежи и умерен ветер од југоисток

Следниот Пост

Стопанските комори и Синдикатот мора да седнаат на искрен дијалог, плати не треба да се добиваат на улица