Обвинување против републичкиот јавен обвинител Љупчо Коцевски дека му врши брутален притисок со цел Вишото ЈО да донесе нарачана одлука за предметот со бонусите во порашешното Специјално јавно обвинителство изнесе денеска шефот на Вишото јавно обвинителство Скопје Мустафа Хајрулахи. Тој додаде дека му се врши притисок и од причина што обелоденил во јавноста дека ќерката на Коцевски изнесува информации од Републичкото јавно обвинителство.
Хајрулахи вчера беше оддалечен, односно суспендиран од функцијата виш обвинител, а одлуката за тоа ја донесе републичкиот обвинител Коцевски, откако ОЈО Штип поведе постапка против Хајрулахи за кривично дело малтретирање во вршење на службата.
– Републичкиот јавен обвинител Љупчо Коцевски со одлука ме оддалечи од функцијата виш јавен обвинител, со образложение дека против мене се води кривична истрага во ОЈО Штип за мобинг, а всушност тенденцијата е мене да ме отстрани од функцијата и да ме замолчи. Истовремено, да ги заплаши и другите обвинители кои постапуваат согласно законот, а со цел да се донесат нарачани одлуки. Пред извесно време, на 19 септември, републичкиот обвинител ме викна кај него во канцеларија и ми рече дека за предметот со бонусите на вработените во СЈО треба да донесам одлука со која ќе се потврди првостепеното решение на ОЈО за гонење на организиран криминал и корупција и дека не треба да му се даде својство на оштетен на подносителот на кривичната пријава, односно на ВМРО-ДПМНЕ. Јас реагирав и кажав дека како обвинител не би се дрзнал на друг обвинител, кој постапува во предметот, да му наредувам да носи каква било одлука по нарачка, рече денеска обвинителот Хајрулахи на прес-конференција пред Јавното обвинителсто.
Хајрулахи раскажа дека обвинителот Коцевски, дента кога го повикал да му врши притисок за предметот со бонусите на СЈО, му рекол дека против него е доставена претставка за наводен мобинг од неколку вработени во Вишото јавно обвинителство.
– Во разговор со државниот обвинител, тој ми кажа дека содржината на претставката е смешна и крајно несериозна и во случај ако евентуално има мобинг, тоа треба да се процесуира во граѓанскиот суд, затоа што јавниот обвинител не е надлежен. Но, откако обзнанив дека обвинителот Коцевски преку неговата ќерка изнесува информации во медиум, тргнат сум поради истрага за мобинг. Не е легитимно ќерка на републички обвинител да изнесува информации од ЈО. Не би сакал да давам политичка конотација, сакам само да кажам за целиот притисок што се врши за предметот со бонусите и за изнесените информации од ќерката на обвинителот, вели обвинителот Хајрулахи.
Во врска со кривичната пријава за мобинг, за кое ЈО од Штип покрена истрага, Хајрулахи рече дека не знае за што е таа пријава против него и од кого е, што е спротивно на Законот за кривична постапка. Рече дека ако е предмет на истрага, за тоа требало да биде известен. Додаде и дека пријавата во Штип е поднесена на 31 октомври, дента кога кажал дека ќерката на Коцевски изнесува информации во јавноста.
– Во врска со наводно нарушените меѓучовечките односи во ЈО. Дали може да се создаде слика за една институција од четворица вработени во Обвинителството? Самите тие дојдоа и ми кажаа дека се инструирани и излажани и дека се прави тенденциозно, за да се оцрни мојата работа. Ми рекоа, обвинителе, ќе ве разрешат и ќе дојде на вашето место обвинителката која го сака тоа место, рече денеска вишиот обвинител Мустафа Хајрулахи.