Не се одржа денешната седница на собраниската Комисија за надзор над работата на Агенцијата за национална безбедност (АНБ) и Агенцијата за разузнавање (АР) на која требаше да се расправа за случајот со (не)законското назначување на Бојан Христовски за директор на АНБ. Иницијативата насловена како „Информација за незаконското именување на Бојан Христовски за директор на АНБ“ ја доставија пратениците на опозициската СДСМ.
Седницата беше прекината по конфронтациите меѓу членовите околу предложениот дневен ред. До тоа дојде откако пратеникот на владеачката партија Драган Ковачки побара дополнување на дневниот ред со две нови точки.
-Прва точка да биде посета и надзор на Агенцијата за разузнавање на 3 декември и втора точка, посета и надзор на Агенцијата за разузнавање на 16 декември, рече Ковачки кој додаде дена надзорот е потребен по изјавите на премиерот Христијан Мицкоски дека бил следен со дронови.
Претседателот на Комисијата Скендер Реџепи по ова кажа дека нема да ги стави овие две точки бидејќи тој и неговиот заменик Блерим Беџети се уште немаат безбедносен сертификат.
-Констатирам дека дневниот ред неможе да се дополни со бараните точки бидејќи не е во ред јас како претседател да не влезам во институциите каде што треба да се направи контрола, рече Реџепи и ја одложи комисијата
Драган Ковачки од ВМРО ДПМНЕ кој го побара дополнувањето го обвини Реџепи дека се однесува ,,диктаторски,, и оти не може Комисијата да не оди во контрола се додека тој не добие сертификат, посочи примери на пратеници што цел мандат го чекале документот. Иако побара да се стави на гласање предлогот за дополнување на дневниот ред, претседателот на комисјата тоа не го дозволи.
Претходно членовите на СДСМ на чие барање се состана комисијата, прифатија дополнувањето да биде после точката за директорот на АНБ Бојан Христовски.
-,Најавувавте реформи а имате тука луѓе кои абер немаат од реформи. Најдобро е за јавноста да ја завршиме точката за незаконското назначување на директорот побрзо. Еве дојден е, седи до вас и ви ги јаде срамовите, му се обрати Славјанка Петровска од СДСМ на колегата Ковачки.
Следуваше жестока процедурална дискусија меѓу координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Мицевски, и неговиот колега и сопартиец Драган Ковачки од една и претседателот на Комисијата од друга страна.
-Не знам во кој дел не се разбираме. Може сертификат нема да добиете до крајот на мандатот. Може да бараме промена на претседателот на Комисијата. Тоа што немате сертификати не е проблем на Комисијата и на Собранието. Се случувало пратеник да не добие сертификат во текот на целиот свој мандат. Ставете ги двата предлога за да видиме со што се соочуваме, рече Мицевски.
На ова Реџепи одговори дека во тој случај ќе ја прекине седницата, што на крајот и се случи, но не поради барањето за затворена за јавноста седница, туку поради тоа што Реџепи одби да ги стави предлозите на ВМРО-ДПМНЕ за дополнување на дневниот ред на гласање.
-Свесен сум за значењето на оваа Комисија која треба да расправа и одлучува за најважните прашања за безбедноста на државата. Не сакам да бидам алатка на никого, затоа сметам дека до завршување на одредена одлука ќе ја прекинам оваа седница и ќе продолжиме кога ќе се создадат услови за тоа, рече Реџепи и ја прекина седницата.