По рекордната заплена на околу пет тони марихуана во Србија, Јавното обвинителство на Република Северна Македонија отвори предмет и започна интензивна соработка со надлежните институции во Белград со цел целосно расветлување на случајот.
Од Обвинителството информираат дека веднаш по добиените сознанија е воспоставена постојана комуникација со српските органи, при што се разменуваат оперативни информации и докази поврзани со транспортот на наркотичната дрога. Според досегашните податоци, пратката минувала низ територијата на Северна Македонија пред да биде запрена во Србија.
„Во тек е засилена координација и размена на информации со српските власти, со цел идентификување на сите лица и организирани структури инволвирани во овој сериозен криминален случај“, соопштуваат од Јавното обвинителство.
Истражните активности се насочени кон утврдување на целосната траса на движење на дрогата, начинот на преминување на државната граница, како и можната логистичка поддршка што ја имала на територијата на Северна Македонија. Надлежните институции, како што нагласуваат од Обвинителството, ќе инсистираат на целосно утврдување на кривично-правната одговорност и процесуирање на сите инволвирани, без исклучоци.
Случајот се оценува како еден од најтешките во последните години, а се очекува истрагата да се прошири и кон други можни поврзани канали и мрежи за меѓународна трговија со наркотични дроги.