Темно Режим Светло Режим

Маричиќ не се уморува, пак кажа – Уставот треба да се смени

Во сетиот хаос кој вече подолго време го предизвикува македонската власт со своето (не)работење има и една систематична работа која министрите успешно ја завршуваат секој ден. Да повикаат дека Уставот на Македонија мора да се смени. Едноставно, по ова прашање се исполнителни како јапонски или германски работник.

Најмногу во сето тоа се истакнуваат премиерот Димитар Ковачевски и вицепремиерот Бојан Маричиќ. „Крајот на јули е терминот во којшто треба да се случи првото гласање во македонскиот парламент во рамките на процедурата за промена на Уставот“. Ова денеска го кажа вицепремиерот кој смета дека парламентарната дискусија за уставните измени треба да се започне во најбрз рок.

-Крајот на јули е моментот кога Собранието паузира, па сметам дека треба до тогаш да се случи првото гласање. Целата постапка треба да заврши до крајот на ноември, изјави Маричиќ на ТВ 24.

Според него, минатите уставни измени биле направени за три месеци, а и сега би можело така да се направи.

-Нема да се откажеме од дијалогот, дијалогот е најдобро средство и ќе се обратиме до секој пратеник, до секоја политичка партија затоа што сметаме дека сите имаат одговорност, истакна Маричиќ.

На кој министер ќе му се падне задачата уште да каже дека Уставот мора да се смени не е познато. Познато е само дека опозицијата не прифаќа диктат, а голем дел од јавноста е против промената на македонскиот устав со уцени и без гаранции дека нема да има нови непристојни барања од земји членки на ЕУ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА:
Претходниот Пост

Зошто се губи време, Судскиот совет треба колективно да си поднесе оставка?

Следниот Пост

Тешко повредена жена по судир на автомобил и трактор