Мицкоски на првиот академски час до студентите: Професорите и политичарите треба да ги инспирираат студентите да остануваат во Македонија

Наша цел и како професори и политичари е да ве инспирираме за да својата иднина ја гледате во Македонија, порача премиерот Христијан Мицкоски на денешниот прв академски час на кој им се обрати на студентите на УКИМ.

Тој им порача дека тие се иднината и дека со конкретни проекти ќе го унапредат образованието.

-Посветени сме на повеќе конкретни проекти кои ќе го унапредат квалитетот на високото образование. Прво, планираме значително да го модернизираме инфраструктурниот капацитет на нашите универзитети. Веќе започнуваме со институционални ангажмани за натамошна реконструкција на лабораториите на некои факултети во дел од нашите Универзитети низ земјата, каде ќе се постават најсовремени опрема и технологии кои ќе им овозможат на студентите да стекнат практични вештини во склад со потребите на современата индустрија. Второ, започнуваме со обликување на проект за дигитализација на универзитетската администрација со цел да ги олесниме процесите на пријавување, запишување и оценување. Ова ќе ја намали бирократијата и ќе им даде повеќе време на професорите и студентите да се фокусираат на она што е најважно – образованието. Трето, ја промовираме програмата за интернационална соработка и размена на студенти. Студентите и професорите ќе имаат повеќе можности за студирање и истражување во странски универзитети, со цел да се разменат искуства и да се применат најдобрите практики од светот во нашето образование, нагласи Мицкоски.

Тој додаде дека студенттите с еиднината на општеството.

-Вие сте иднината на оваа држава. Секој од вас носи во себе потенцијал да направи промена, да креира нешто ново, нешто големо. Свети Кирил и Методиј не е само име на нашиот универзитет, тоа е важен симбол на знаење, симбол на нашата култура и историја. Искористете го ова време за да изградите нешто значајно за себе, за вашето семејство, за вашата земја. Нашата цел е јасна, да создадеме образовен систем кој е во чекор со времето, кој ги задоволува потребите на општеството и пазарот на трудот, и кој ви дава можност да бидете глобално конкурентни. И тоа ќе го направиме заедно – со вашата посветеност и со нашата поддршка. Претседателот на Студентската организација напомена дека би биле пресреќни својата иднина да ја гледаат тука во Македонија, а наша цел и како професори и политичари е да ве инспирираме. Ќе продолжиме да го работиме она што го работиме и кое што најдобро го знаеме. Но, сакам да ви испратам една порака дека во животот ништо не паѓа од небото и дека ништо не е така едноставно како што изгледа на социјалните медиуми. Треба да се борите и треба да се борите секој ден. Треба да се борите секој ден повеќе споредено со претходниот ден, само така можете да успеете во името на вашето семејство и во името на вашата татковина Македонија, потенцира македонскиот премиер.

Претходна вестИ Македонија ќе добива природен гас кој од денеска ќе тече од терминалот во Александруполи
Следна вестМицкоски: За 100 дена реализиравме, донесовме или отпочнавме над 100 проекти, мерки и одлуки