Темно Режим Светло Режим

Министерството за здравство апелира на вакцинација пред пикот на сезонскиот грип

Пикот на сезонскиот грип се очекува во наредните две до три недели, изјави денеска министерот за здравство Азир Алиу. Тој посочи дека во овој период од годината традиционално се бележи зголемен број пациенти со симптоми на грип кои бараат здравствени услуги, но состојбата засега не е алармантна.

– Во моментов немаме зголемен број заболени за да можеме да кажеме дека ситуацијата е полоша во споредба со претходните години. Сè уште не сме во пикот на сезонскиот грип за да правиме целосна компарација меѓу оваа и минатата година – истакна Алиу.

Министерот информираше дека годинава е постигнат рекорден интерес за вакцинација против грип.

– Задоволство ми е да соопштам дека првпат досега 77.000 граѓани се вакцинирале против сезонски грип. Тоа е најдобриот и најефикасен начин телото да се заштити од ова заболување – нагласи тој.

Според неговите информации, на располагање останале уште околу 3.000 дози вакцини.

– Граѓаните нема потреба да се пријавуваат преку системот за вакцинација, туку можат директно да се обратат во здравствените установи. Вакцинацијата е клучна, особено за ризичните категории – постари лица, бремени жени и здравствени работници – додаде Алиу.

Изјавата министерот ја даде по прес-конференцијата посветена на кампањата за подигнување на свеста за опасностите од употребата на пиротехнички средства.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА:
Претходниот Пост

Последни подготовки во Скопје пред заминувањето на Европското првенство

Следниот Пост

Македонскиот ас Нено потпиша за европскиот гигант Баерн