Младите брачни двојки кои ќе градат куќи во Кисела Вода се ослободени од комуналиите

Градоначалникот на Кисела Вода Орце Ѓорѓиевски денеска го промовираше проектот „Кисела Вода – адреса за заеднички дом”, преку кој младите брачни двојки ќе бидат ослободени од плаќање на комуналии за градење на куќа во Кисела Вода

Брачните парови до 40 годишна возраст кои немаат друг имот во своја сопственост, од Општина Кисела Вода ќе добијат можност за ослободување од плаќање на надоместок за уредување на градежно земјиште.

-Денес, со големо задоволство го промовираме стартот на кампањата “Кисела Вода – адреса за заеднички дом”. Се работи за мерка која претставува директен одговор на потребите на младите брачни парови кои се стремат да изградат свој дом во нашата општина и претставува значаен чекор напред во борбата за демографска обнова на Република Македонија. Преку ослободувањето од плаќањето на комуналии, предвидено на ниво од 40 отсто за објекти во рамки на ГУП на град Скопје и 100 отсто за објекти надвор од ГУП, нашата општина го олеснува патот кон изградба на сопствени домови за младите . Илустративно, за изградба на куќа од 100 квадратни метри во Црниче, младата брачна двојка би добила финансиско ослободување во износ од 6600 евра, додека во село Драчево, за истата квадратура, ослободувањето би било 5000 евра, објасни Ѓорѓиевски.

Дополнително, во наредниот период, ќе бидат обезбеди три типски проектни документи за куќа од 80, 100 и 120 квадрати, кои бесплатно ќе може да се симнат од општинската веб страница.

-Условите за изградба на објекти со намена А1-Домување – односно куќи, се прилично едноставни: Инвеститори мора да бидат двата брачни другари, кои не се постари од 40 години , брачните другари да немаат друг објект во нивна сопственост и да не водат постапка за легализација на бесправно изградени објекти, проектот, како составен дел од документацијата за одобрение согласно закон, да содржи само една станбена единица и инвеститорите мора да склучат договор со општината дека објектот нема да го отуѓуваат во рок од 10 години од денот на склучувањето на договорот. Оваа одлука вчера доби мнозинска поддршка од Советот на нашата општина, за што во овој момент сакам да упатам голема благодарност до советниците. „Кисела Вода – адреса за заеднички дом“ не е само мерка, туку и визија за заедничка иднина, Ѓорѓиевски, изразувајќи надеж дека овој чекор ќе го следат и другите општини.

Тој додаде дека со ова се придонесува и кон поголема родова еднаквост во сферата на сопственост на недвижниот имот.

-Според податоците, само 27% од сопствениците на недвижности се жени, и затоа, со предлог-одлуката која бара двајцата брачни другари да бидат инвеститори, ние создаваме услови за поголема еднаквост, изјави Ѓорѓиевски.

Претходна вестЛимко Бејзароски – нов претседател на Комисијата за спречување и заштита од дискриминација
Следна вестГраѓаните да не наседнуваат на измамата со лажна Дневна Паркинг Карта, предупредува ПОЦ