Русија го постави ослободувањето на венецуелскиот претседател Николас Мадуро и неговата сопруга Силија Флорес како свој приоритет, откако двајцата минатиот месец беа уапсени во Каракас и префрлени во Соединетите Американски Држави.
Заменик-министерот за надворешни работи на Русија, Сергеј Рјабков, изјави дека најпрво мора да се реши нивниот правен статус, пред да се разговара за какви било други чекори или мерки.
„Во овој момент, клучно прашање е Мадуро и неговата сопруга да бидат ослободени. Сè друго засега останува во доменот на хипотези“, изјави Рјабков, без да наведе какви конкретни активности би можела да преземе Москва.
Николас Мадуро и Силија Флорес беа уапсени на 3 јануари во раните утрински часови во венецуелската престолнина Каракас, по што беа екстрадирани во САД. Според американските власти, тие се товарат за вмешаност во трговија со наркотични средства и ќе се соочат со судски процес во Њујорк.