Проблемот со многубројните бездомни кучиња во Скопје скоро секој ден достигнува некој нов апсурд за кој помислуваме дека е дното од кое не може подолу. Ама вчера ете ти најново дно – дури и кучиња со ушни маркици од Албанија шетаат низ нашиот главен град, пренесува Прва Скопска ТВ.
Веќе подолго време јавна тајна е дека организирани групи истовараат цели комбиња полни со кучиња по скопските улици. Ама за надлежните остана вистинска тајна кој ги истовара. И така, од ден во ден, дојдовме до денот кога веќе има кучиња странци во Скопје.
Кое е следното дно што ќе се допре?
Можеби надлежните ќе ги прашуваат кучињата кој ги донесе во Скопје? Но, Скопје ова не го заслужува. Затоа јавноста и апелира, МВР и останатите надлежни да го сфатат овој проблем за сериозен и конечно – што преку камерите низ градот, што преку работа на терен на инспектори… да се откријат сторителите.
Инаку, џабе е и 5 нови стационари како Лајка да направат, злонамерниците кои инспекторите нема да ги откријат ќе донесат нови и нови кучиња.