Минатата година беше една од најтешките за оризопроизводството, а во 2026 година земјоделците од кочанскиот регион влегоа со истите, нерешени проблеми, предупредуваат производителите на т.н. „бело злато“.
Недостигот од организиран откуп, ниските производни и откупни цени, како и неконтролираниот увоз на ориз од земјите од Блискиот Исток, дополнително ја влошуваат состојбата и го зголемуваат незадоволството кај земјоделците, кои најавуваат и можни радикални протести.
Од реколтата 2025 година, досега се откупени само околу пет проценти од оризовата арпа, додека најголемиот дел од производството сè уште стои складиран по амбарите. Производителите велат дека актуелната откупна цена е крајно неприфатлива и не ги покрива ниту основните трошоци, нагласувајќи дека и производната и откупната цена се формирани врз погрешни основи.
Од друга страна, откупувачите посочуваат дека цените се диктирани од состојбите на пазарот и дека немаат можност самостојно да влијаат врз нивото на откупната цена.
Ваквата состојба, според оризопроизводителите, ги става во крајно незавидна положба. Тие предупредуваат дека доколку надлежните институции не изнајдат решение во најкус можен рок, ќе бидат оставени сами да се справуваат со проблемите и, како што велат, ќе бидат принудени работите да ги земат во „свои раце“.